Филипче застана зад Шекеринска – можеле да набават вакцини минатата година но без клиничка студија не сакале да ризикуваат

Власта можела да набави анти ковид вакцини уште минатата година, но не го сторила тоа. По министерката Шекеринска, сега и министерот за здравство Филипче вели дека не сакале граѓаните да бидат дел од клиничка студија со вакцини кои не се потврдени како безбедни и немале сертификат.

„Изјавата на министерката Шекеринска беше извадена од контекст. Тоа што радмила го кажа е дека всушност не сакавме да пристапиме во ниту една трета фаза од клиничките испитувања и апсолутно го делам ставот дека тоа не треба да се прави. Треба да завршат процесите како што завршија и после соодветните сертификати од сите регулаторни тела, кога е потврдено дека е вакцината безбедна тогаш да се употреби кај нас“, вели министерот Венко Филипче.  

Проблеми има и со дистрибуцијата преку Ковакс механизмот, признава Филипче.

„За жал се уште го немаме одговорот од Ковакс механизмот, беше најавен за вчера, го чекавме во текот на целиот ден, верувам дека денеска ќе имаме некакви информации и во завршна фаза се разговорите за кинеската вакцина“, додава тој.

Сепак надлежните се оптимисти дека имунизацијата ќе стартува во февруари.

Инаку, Македонија остана последна во окружувањето каде вакцинацијата против Ковид 19 се уште не е почната. Први вакцините ги добија граѓаните на Србија, а веднаш по нив и Грција и Бугарија каде вакцинацијата почна пред Новата Година. И Албанија успеа да добие симболична доза од близу 1000 вакцини на Фајзер.

По бројот на вакцинирано население предничи Србија каде веќе се стигнати над 1,1 милиони дози од три производители, американската „Фајзер“, руската „Спутник“ и кинеската „Синофарм“.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста