Власта пресече – сметководителите да се снајдат како знаат и умеат

Сметководителите се на крајот на силите, половина од нив или 5 илјади луѓе досега биле заразени со корона вирусот, а Владата упорно не го прифаќа нивното барање за продолжување на роковите за поднесување на финансиските извештаи. Тие повторно потенцираат дека 65% од сметководителите биле во самоизолација, но и покрај тоа приморани се болни да работат од дома за да ги запазат роковите и по цена на својот живот. Велат – без сложените процедури во собранието за донесување законски измени, роковите можеле да се пролонгираат до крајот на март.

„Нашето првично барање, со измени во Законот, беше пролонгирањето да биде до 30 април за хартиено поднесување и до 15 мај за електронското, но изминаа сите реални можности за законски измени и затоа сега се повикуваме на она што е веќе постоечко во актуелниот Закон“ – вели Александра Андреева од Комората на сметководители.

Владата, пак не смета дека сметководителите биле толку погодени од корона вирусот за да заслужат пролонгирање на роковите. Министерот за економија Бектеши дециден – одложување на обврските нема да има.

-Веќе направиме консултации во рамки на институциите и како Министерство за економија, заедно со Министерството за финансии, УЈП и Централниот регистар одлучивме да нема пролонгирање на роковите за завршните сметки. Мислиме дека сметководителите и не биле толку погодени од пандемијата, истакна Бектеши.

Сметководителите веќе подолг период апелираат институциите да им излезат во пресрет и да ги пролонгираат роковите за да се избегнат погрешни податоци во финансиски извештаи и да се плаќаат глоби. Излегоа дури и на протест пред владата, но засега без епилог.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста