Богатите да плаќаат повисоки даноци, а персоналниот данок да се намали во одредени дејности. Ова е првичниот став на власта по вчерашната препорака од МАНУ, да се зголемат одредени даноци за побрзо закрепнување на економијата, односно да се покрие јавниот долг кој надмина 7 милијарди евра и достигна 62% од БДП. Иако прогресивното оданочување се одложи за 2023-та година, вицепремиерот Фатмир Битиќи не ја исклучува можноста да биде воведено и порано. Сепак, за сите даночни реформи ќе се чека да завршат консултациите кои најверојатно ќе траат до крајот на годинава.

  • Се покажа дека во кризата некои богати станаа уште побогати и заради идеолошкото убедување сметам дека треба да имаме прогресивно оданочување – богатите треба да платат и да им вратат на посиромашните. Ако значи воведување  нов данок за посиромашните велам не, затоа што на нив им должиме за да излезат од прагот на сиромаштија и да почнат да живеат достоинствено, порача Битиќи.

Во меѓу време, поранешната заменик-министерка за финансии реагираше дека македонската економија е во катастрофална состојба поради, како што рече,  неспособната власт. Реагира дека наместо раст се бележат падови во услови кога власта трошела нерационално, што продуцира додадена вредност, што пак сега довело до покачување на даноците каде оштетени ќе бидат граѓаните.

Кај данокот на имот, додава Битиќи, имало предлог да се остане на истиот процент на данок на имот, но да се оданочи тоа што не се користи и влегува во делот на луксуз – втор, трет, четврт стан. За евентуалното воведување, пак, на данокот за животна средина посочи дека не е нешто што не се случило и во минатото.

  • Ние имавме еден таков данок воведен во 2001 година кого го плаќаа сите и се укина после одредено време. Во 2020 година видовме како е да се живее со подобар и почист воздух. Продолжуваме да инвестираме поприлично во енергетиката и сакаме да живееме со скандинавски стандарди од аспект на животна околина. Можеби воведувањето на данок за животна средина може да биде сегмент кој ќе ни помогне на сите нас и на следните генерации, но сега само имаме легитимни размислувања на сите чинители. Некои доаѓаат како предлози од МАНУ, некои од стопанските комори, но се уште сме на ниво на консултации и како Влада немаме изградено став, потенцира Битиќи.

Претходно, академската ферла критикуваше дека владата треба да биде исклучително внимателна со управувањето на јавните финансии и народните пари. Рекоа дека дека мерките за добро менаџирање на јавниот долг треба да бидат насочени кон намалувања на владината непродуктивна потрошувачка, или зголемување на даноците.

Во меѓу време, народната банка веќе предвиде зголемување на инфлацијата која годинава ќе достигне 2,2%, што значи дека цените ќе продолжат да растат, а животниот стандард ќе опаѓа. Нормализирање на состојбата во Македонија се очекува од следната година.

Борис Грујоски