Власта потфрли со делта сојот, експертите бараат итно мерки за да се спречи најлошото сценарио

Аларм во јавноста по наглиот раст на бројката заболени од делта сојот на Ковид 19. Надлежните смируваат, но експертската фела предупредува дека треба да се реагира веднаш. Итно треба да се воведат мерки за заштита на границите без разлика што и за тоа е веројатно доцна, бидејќи делта мутацијата веќе влезе во земјата. Лекарите веќе немаат дилеми дека до крајот на летото ќе има нов бран со индискиот сој.

Освен заштита на границите докторите препорачуваат и итно да се забранат собирите во затворен простор каде делта сојот се пренесува 60% побрзо, или 40% на отворено.

Дел од лекарите предупредуваат дека индискиот сој се шири и можеби е веќе и доминантен во Македонија. Вакво предупредување на Фејсбук објави професорот Дејан Трајковски.

“Можеби е дури веќе доминантен, бидејќи бројот на случаи со Алфа сојот беше занемарлив до пред една недела, далеку помал од денешниве бројки. Ако досега имаше смисла контролата на границите, отсега повеќе нема. Увезените случаи веќе ништо не значат, а трансмисијата е локална. Сé им текнува отпосле (допрва ќе разговарале со властите од околните земји, бла, бла…), само колку да се каже дека нешто прават,” – пишува Трајковски на Фејсбук.

За разлика од земјите во соседството и поширокиот регион, нови мерки кај нас засега нема. Дали ќе има промени во стратегијата ќе се знае дури во петок кога Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста