Власта подготвува прогласување на уште една кризна состојба, признава дека има проблем со набавка на нафта

Владата признава дека може да има проблеми во снабдувањето со горива и сериозно размислува за прогласување нафтена кризна состојба во Македонија. На последната седница била донесена одлука за формирање Советодавна комисија која треба да изготви план за справување со вонредно пореметување на снабдувањето на пазарот.

„Комисијата за задачи има… да иницира предлог за прогласување на нафтена кризна состојба, да предлага мерки и одлуки за нормализација на снабдувањето на пазарот со сурова нафта и нафтени деривати; да предлага дополнителни мерки за нормализација на снабдувањето на пазарот“ се наведува, меѓу другото во соопштението од Владата.

Кризната состојба и овозможува на Владата директно да располага со сите ресурси на државата.

„Во случај на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба“ стои во Законот за управување со криза.

Од почетокот на кризата во Украина, власта уверуваше дека нема да има проблеми во снабдувањето со енергенси и дека стоковите резерви се полни. Сепак, не соопштува колку нафта има во државните резервоари бидејќи тоа била државна тајна.

Државниот врв откри дека уште пред четири месеци знаеле дека ќе има инвазија во Украина. Сепак, додека соседите склучуваа договори за набавка на енергенси и храна, нашите власти не преземаа ништо.

Од ресорот економија доаѓа убедување дека нема застој во снабдувањето со нафта и нафтени деривати.

Ние се снабдуваме со нафта и нафтени деривати преку грчките пристаништа и нема никаков застој во тоа снабдување. Најважно од се е дека во моментот непречено се снабдуваме со нафта и нафтени деривати, истакна Министерот за економија Крешник Бектеши.

Најавите за уште повисоки цени на горивата и несигурноста во снабдувањето деновиве веќе предизвикаа метеж на бензинските пумпи низ Македонија, дури до толку што за пет пати била зголемена побарувачката на гориво на бензиските пумпи во текот на минатата недела.

Доколку биде прогласена нафтена кризна стотојба, таа би била четврта која е во сила во земјава – веќе има кризна состојба поради мигрантите, поради пандемијата и поради проблемите со струјата.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста