Власта неподготвена и целосно изгубена го дочека новиот силен бран на короната

Има ли власта стратегија за борба со корона пандемијата? Бројките на заболени вртоглаво растат, а надлежните не размислуваат за воведување на заострени мерки по примерот на западно европските земји. Наместо ограничување на движењето во општините каде бројот на заразени рапидно расте или да се ограничи работното време, Комисијата за заразни болести со апсурдни препораки – да се носеле маски на отворен простор. Докторите реагираат оти досегашните мерки за заштита во затворени простории биле добри, но проблем било што оние кои не ги почитувале не биле санкционирани. Микробиологот Никола Пановски прашува, кој тоа во Комисијата препорачал носење на заштитни маски на отворен простор кога вирусот на отворено не се шири? Апсурдно е вели, што маските не се задолжителни во угостителските објекти.

„Се тераат луѓето со овие мерки, затоа ми е испод ниво да дискутирам, место да одат на чист воздух и во природа, да одат во ресторани каде што има шанси да се шири болеста ако не се почитуваат мерките. На отворено, во природа нема никакви шанси да се шири болеста дури и ако немаме маска“ вели доктор Никола Пановски.

Дека властите носат погрешни одлуки сведочи и пулмологот Ангелко Ѓорчев. Тој вели дека надлежните погрешија со одлуката хронично болните пациенти да се вратат на работа, оти како што вели тие се и најмногу изложени на ризик од пандемијата.

„Мислам дека е грешка, што хроничните заболувања не се изземени од работните обврски. Тие луѓе се изложени на извонредно голем ризик да завршат смртно и затоа смртноста ни е најголема во Европа според бројот на населението“, вели пулмологот Ангелко Ѓорчев.

Новите мерки предвидуваат носење на маски секаде на отворен простор па дури и ако пешачите сами. Исклучок од ова ќе има за спортистите, но граѓаните стравуваат оти тешко ќе биде пред полицијата што казнува да се докаже кој излегол да спортува. Забрана ќе има и за групирање на јавни места на повеќе од 4 лица и тоа по 22 часот.

Најконтроверзна е одлуката да се ограничи бројот на гости кои доаѓаат во едно домаќинство, на најмногу четворица, мерка која никој не знае како ќе се спроведува.

Владата на седница и прифати предлог мерките на епидемиолозите. Но, за да стапат на сила ќе мора да се донесат законски измени. За тоа пак ќе треба да го минат собранискиот филтер, каде во моментов се заглавени над 100-тина закони.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста