Власта нема стратегија како да ги убеди граѓаните дека треба да се вакцинираат

Македонија едвај успеа да набави поголема количина на вакцини, ама нема стратегија како да ги мотивира граѓаните да се пријават за вакцинација. На веб страницата вакцинација мк до сега се пријавиле едвај 25 отсто од граѓаните кои според најавите на надлежните би требало да се имунизираат. Приоритетни, уште од стартот на вакцинацијата се повозрасните граѓани, но и кај нив интересот е слаб. Вакцинацијата не е задолжителна, но има ли Владата стратегија како да ги поттикне граѓаните да седнат на вакциналното столче? Министерот Филипче не гледа проблем во одзивот на граѓаните. Ниту пак размислува преку симболична награда да ги мотивира да се имунизираат, како што тоа го направија други земји.

„Мислам дека нема потреба од никаква форма на награда. Оваа дополнителна бројка што е пријавена, од 130.000 нови пријавени откако запошна вакцинацијата со Синофарм мислам дека е добар знак и за сега има добар интерес“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Дека владата нема конкретен план за подигнување на јавната свест за вакцинација доказ е и изјавата на премиерот Заев, кој минатата недела рече дека допрва ќе се бара начин како преку медиумите да се пушти јавна кампања.

За разлика од Македонија, спрските власти со конкретни мерки – нудат по 30 евра за секој граѓанин кој ќе прими анти ковид вакцина. По ваквата мерка сликата на вакциналните пунктови во Србија драстично се промени, па сега таму граѓаните чекаат во ред за имунизација.

И Германија усвои детална стратегија за вакцинална кампања. Тамошните власти им дозволија на сите вакцинирани граѓани да се вратат на вообичеаниот начин на живот, без протоколи и без ограничувања, што значи за нив нема да важи ниту полицискиот час, ниту ограниченото движење, ќе смее да седат во кафулиња и да не носат заштитини маски.

Израел беше првата земја која ги олесни рестрикциите за граѓаните кои примиле вакцина.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста