Власта нема мнозинство- ќе се турка ли на сила он- лајн работа на Собранието?!

Дали власта ќе се обиде на сила да протурка он- лајн работа на Собранието? Отсуството на двајца пратеници од владејачкото мнозинство, доведе до блокада на Парламентот. Уште од самиот старт се покажуваат слабостите на тенкото мнозинство. Троцифрен број предлог закони чекаат изгласување, но СДСМ и ДУИ во моментов немаат 61 пратеник, па се поставува прашањето дали кај власта постои страв да ги стави законските решенија на гласање, со оглед на тоа што може да не го минат собранискиот филтер, доколку сите пратеници на опозицијата се на седница.

Решение на овие проблеми власта бара преку кршење на собранискиот деловник. Барањето е народните избраници да работат он лајн, сега официјално соопштено и од премиерот Заев.

-Може да направат он-лајн дебата во однос на работењето на Парламентот, може да направат он-лајн за тие што се во изолација, позитивни. Денеска техниките овозможуваат се и сешто, но да не си дозволат да го стават Парламентот надвор од целиот систем, заради тоа што ненавремено донеле одлука и тоа ќе донесе сериозни проблеми, изјави Заев.

Дека мора да има промена на собранискиот деловник за он лајн седници, кажа и спикерот Талат Џафери. Но, ставот на неговата партија е дека и без промена на деловникот, можело да има он лајн седници. Како и СДСМ и ДУИ официјално побара пратениците да работат од дома преку интернет.

-ДУИ бара солидни причини од опозициските партии да го разгледаат овој предлог со цел да се избегне можноста да се заштити здравјето на пратениците и администрацијата а исто времено да не се блокираат важните процеси за Република Северна Македонија, велат од ДУИ.

Опозицијата контра ваквото барање на власта. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, вели дека било кој изгласан закон преку он лајн платформа, би можел да падне пред Уставниот суд.

-Било кои закони кои што  би се изгласале на он лајн седници, а уставот предвидува присуство, порано или подоцна би можеле да паднат пред Уставниот суд. И затоа мислам Собранието доколку на мускули турка он- лајн седници, може краткорочно да предизвика политичка криза, а долгорочно да донесе правна несигурност, со донесените закони кои што би биле поништени или укинати од уставниот суд, изјави Милошоски.

Моментално тројца пратеници се позитивни на Ковид 19. Покрај Исмаил Јахоски од ДУИ и Лазе Таневски од СДСМ, заразена со коронавирусот е и пратеничката Јадранка Поцкова од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста