Власта нема да ја замрзне цената на струјата – Бектеши смирува, граѓаните се вознемирени

Сметките за струја нема да се зголемат за повеќе од 10%, уверуваат од Владата. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека целосно стои зад изјавата што веќе ја дал по ова прашање. Тој вели дека право на компаниите е да бараат не само 100%, туку и 2.000% зголемување, но сепак одлуката ја носи Регулаторната Комисија за енергетика.

  • Секако дека нивно право е тие не само 100%, може да бараат и 2.000% зголемување, но колку ќе се прифати тоа ќе видиме во нареден период. Јас во однос на зголемување на цената на електричната енергија за првите 6 месеци веќе дадов изјава и стојам целосно позади тоа што сум го кажал. Првично не кажав 10%. Најмногу 10%, тоа може да биде и 0,1 и 2. До 9,99, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Наспроти изјавата на Бектеши, првиот човек на РКЕ, Марко Бислимовски предупреди докоплку се прифатат барањата на барањата на енергетските компании за загубите, но без „ЕВН Хоум“, покажуваат дека цената на струјата би се зголемила за 38%, но пресметките за тоа допрва ќе се прават.

Бислимовски кажа и дека поради високите берзански цени и загубите во мрежа, само Електродистрибуција бара 100% зголемување на струјата.

  • Вкупно зголемени трошоци на Електродистрибуција се 140 милиони евра, и тоа пред се поради надворешни фактори. Значи во однос на оперативни трошоци, амортизација, и таму нема нови вработувања нема ништо, се останато е исто. Имаме негде веќе во моментов околу 37-38%, изјави Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Освен струјата, Бислимовски вчера го вклучи алармот и за цената на парното по Нова Година, бидејќи гасот на берзите достигна рекорд од 1.500 долари. Бектеши, пак, смирува и уверува дека се водат преговори со „Газпром“.

Во меѓу време, загрижени се граѓаните поради најавата за поскапа струја. Граѓаните додаваат дека не очекува тежок период. Паралелно, власта нема намера да ја замрзне цената на струјата по примерот на останатите држави. Тоа веќе го направи соседна Бугарија. За вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи овој потег би бил неодржлив популизам и кај нас тоа не било опција.

Вицепремиерот уверува дека цената на струјата по 1 јануари и покрај зголемувањето, сепак ќе биде најниска во регионот. Рече дека од следната година за близу 45.000 граѓани ќе се обезбеди помош за да се ублажи поскапувањето.

Инаку, освен 65 милиони евра кои се одвоени за енергетската криза, обезбедени се и 15 милиони евра за набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста