Власта не знае како да ги организира брзите избори кои ги сака во време на пандемија

Власта сака брзи избори во време на пандемија, но не знае како да ги организира. Од ДИК велат се уште не добиле прецизен протокол како да го организираат гласањето со оглед на новонастаната ситуација. Членот на Државната изборна комисија, Елизабета Постоловска, вели многу прашања за тоа како ќе се гласа остануваат отворени.

-Освен тоа што знаеме дека треба да имаме маски, ракавици, средство за дезинфекција, самата постапка за гласање опишана, гласање на лицата кои што се болни, кои што се на домашно лекување, гласање на лицата кои што се во изолација, гласање на лица со посебни потреби и такви работи конкретни. Значи ние до ден денеска немаме таков протокол. Ова што претходно го добивме сметам дека е премногу општо и воопшто не задира во целосна заштита на гласачите од една страна, како и членовите на одборите од друга страна, изјави Постоловска.

Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, уште еднаш посочи дека 22 дена се премалку за организирање на фер и демократски избори. Плус проблем во моментов е што ниту од Комисијата за заразни болести не добиле никаков протокол околу денот на гласањето, добиле само препораки, кои немаат никаква правна важност.

-Протокол е друг тип на документ, препорака е друг тип на документ кој не мора да значи ништо, а протокол е документ кој што обврзува и сноси потписникот на тој протокол одредена одговорност. Ние побаравме на писмено до Владата преку Министерството за здравство да ни достави протокол, не поради нас или било што туку затоа што во идниот период треба да го преточиме во наши акти, изјави Деркоски.

Проблем за организирање брзи избори претставуваат и самите избирачки места, кои не се доволно за да се запазат правилата за дистанцирање. Деркоски вели во текот на периодов барале поголеми простории, за некои избирачки места веќе биле најдени, сепак за многу се уште не.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста