Власта не објаснува зошто министрите и директорите, мора да се возат во луксузни автомобили кои чинат повеќе од 45 000 евра

Власта и понатаму не објаснува зошто министрите, директорите, носителите на државни функции мора да се возат во луксузни автомобили кои чинат повеќе од 45 000 евра. Наместо да одговорат зошто кога земјава е во голема криза не одберат поевтини коли кои исто така се квалитетни, тие се правдаат дека оперативниот лизинг бил стандардна форма во целиот свет за одржување добар возен парк. Проблемот е што никој не го оспорува начинот на кој ќе се набават 45те автомобили од моделот „Passat“ – јавноста збесна поради големите суми на пари кои ќе се плаќаат во време кога илјадници граѓани се на работ на егзистенција и живеат во апсолутна сиромаштија.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи се обиде да ја оправда скандалозната набавка за обогатување на возниот парк на функционерите.

Правевме одредени анализи кои укажуваат дека товарот на евентуалното купување и одржување на возило е речиси двојно поголем отколку оперативен лизинг. Лично сум еден од корисниците на лизинг во изминатите 12 години, но има разлика кај физички и правни лица. Поволностите за правните лица се многу поголеми, се борам и сум се борел во минатото и за физичките лица да бидат исти –  изјави Битиќи.

Дека Владата треба да намали со трошење и дека не е време за купување на автомобили– вчера предупреди и економистот академик Таки Фити. На научната конференција меѓу МАНУ и министерството за финансии, посочи дека јавниот долг треба будно да се следи и да не се размислува за непродуктивни трошоци.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста