Власта ќе си изгласа онлајн Собрание, опозицијата ја напушти седницата

И без опозиција, власта сепак ја спроведе одлуката по скратена постапка да се разгледа Предлогот за дополнувања на Деловникот на Собранието за онлајн работа на пратениците. Со 61 глас за, без ниту еден воздржан или против, пратениците одлучија дека ќе се разгледуваат предложените измени за Собранието да работи од далечина.

Опозицијата која е против ваквиот начин на работа. Од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да гласаат, по што ја напуштија седницата.

  • Денеска треба да се повикаат во Собранието Зоран Заев, Никола Димитров и Бујар Османи, ако треба и на затворена седница, да се поразговара за македонските црвени линии и да бидеме информирани како пратеници што е тоа што преговара и што се е спремен Зоран Заев да продаде од македонската држава.изјави денеска за медиумите, Никола Мицевски, координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, предлогот, со кој се предвидува инфицирани пратеници да можат од дома да работат на пленарни седници и на собраниските комисии, го поднесе претседателот на Собранието, Талат Џафери. Според него, ова решение немало да го промени досегашниот начин на работа, туку само ќе овозможи пратениците да можат да се вклучат во работата на Парламентот, а со тоа и ќе се овозможи тој да работи.

  • Право и должност е на пратениците да учествуваат во работата на Собранието, дека опозициските пратеници се присутни на седница, а потоа на пет минути пред гласање излегуваат од салата, потенцираше Џафери.

Претседателот на Собранието вели дека поради неможноста за гласање поради немање мнозинство, има закони кои се уште се во собраниска процедура.

  • Има дел од законите кои иако се по скратена постапка, за нив не заседавале комисиите, рече Џафери.

Собранискиот спикер рече дека сите што имаат забелешки, да ги достават, по што истите ќе се разгледаат. Според Џафери, Предлогот, кој е во скратена постапка, по изгласувањето на потребата од носење, треба да помине на Комисија, а потоа пак да се врати на гласање на пленарна седница.

Инаку, утре ќе продолжи комисиската расправа за предлог буџетот. Доколку пратениците работат со потребната динамика се очекува на 18 декември да биде гласањето. Првата седница за пратенички прашања на овој пратенички состав е закажана за 30 декември.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста