Власта го крши договорот што падна во Вила Водно – Пендаровски молчи

Претседателот на државата Стево Пендаровски без реакција затоа што власта го крши договорот за избори на 12 април што падна во Вила Водно. По последните ултиматуми на владините функционери оти без донесување на реформските закони ќе нема предвремени избори – од кабинетот на Пендаровски за Алфа велат дека за сега ќе се воздржат од коментар оти расправата во Собранието продолжувала.

Ултимативниот услов до пратениците го стави и техничкиот премиер Оливер Спасовски – вели Законот за јавно обвинителство морал да добие зелено светло пред да биде распуштен Парламентот.

„Ние мора прво да ги донесеме законите кои што се исклучително важни за оваа држава и после тоа да одиме на избори“, рече Спасовски.

И партискиот генсек, Љупчо Николовски на иста линија – преку објава на социјалните мрежи се „закани“ со можно ново парламентарно мнозинство доколку се кочат законите. За лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пораката на Николовски била во насока да престанат игрите коишто се играат во Парламентот.

„Сериозностана пораката од генералниот секретар како што јас ја сфатив е да престанат игрите кои што се играат во Парламентот“, вели Заев.

Коалицискиот партнер ДУИ, пак со целосна поддршка за реформските закони. Но, очекуваат тие да го минат собранискиот филтер, а Парламентот да се распушти в недела.

„Јас сум убеден дека ова Собрание има капацитет да работи деноноќно до 16 февруари и да ги усвои сите закони кои што се очекуваат“, рече пратеникот Артан Груби.

Лидерот на опозицијата со оптимистички прогнози – избори на 12 април ќе има и без носење на Закони чија цел е амнестија на највисокото раководство од власта.

„Не би сакал да верувам дека се подготвени да ја држат државата заложник за лични и партиски интереси и да предизвикаат нова политичка криза како што впрочем тоа се случува и во последните пет години. Дека сепак ќе се охрабрат и ќе излеземе заедно на избори на 12 април“, вели претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Датумот за одржување на предвремените парламентарни избори беше договорен на 20 октомври на лидерска средба во Вила Водно. Тогаш ниту една од политичките партии на маса не постави услови за одржување на изборите на 12 април.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста