Власта ги заобиколи професорите при креирањето на протоколите за новата учебна година

За нешто повеќе од три недели пред стартот на учебната година МОН нема финални образовни протоколи. Повторно тактизираат – сега се чека и ставот на СОНК. Од таму револтирани против Министерство за образование затоа што, како што велат, не биле вклучени во подготовката на новиот начин на одвивање на наставата. Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, вели дека сè ќе биде залудно ако наставниците не можат да ги спроведат предлозите.

“Не бевме ниту прашани, ниту консултирани, а од нас како наставници и како вработени ќе се бара да ги спроведеме тие протоколи. Не тврдиме дека се лоши, но сметаме дека требаше да бидеме инволвирани во тоа за да видиме што е спроведливо, што не е спроведливо и ако не е добро наставниците да може да кажат ова да се поправи на ваков начин.” – рече претседателот на СОНК Јаким Неделков.

Безбедноста на наставниците и сите вработите во училиштата како и на учениците е најважна – вели Неделков.Тој смета дека секоја општина треба да направи свој протокол според сопствените услови.

“Прифаќаме поделби на паралелка во две групи и со нив да се работи со физичко присуство, водејќи сметка притоа за фондот на часови на наставниците, затоа што ако од една паралелка се прават две групи, тоа се како одвоени два часа. Предлагаме наместо маски да се користат визири зашто се полесни за дишење и за носење подолго време.” – вели Неделков.

Засега, ставот на образовните и здравствените власти е да има редовна настава од септември во училиштата во кои и досега во класовите имало преполовен број на деца, а во школите со многу ученици сменско работење со скратени часови или комбинирана настава. Задолжително ќе биде носењето маска, физичкото растојание односно секое дете само да седи во клупа и честа дезинфекција.Конечната одлука за тоа како ќе започне новата учебна година треба да биде објавена најдоцна до 10 август.

 

Ања Василева 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста