Власта ги полнела државните резерви со диезел гориво дури во февруари, и тоа со руско гориво

Не само што доцнеле, туку дизелот го купувале од русите. Владата се сетила дури во февруари да ги дополни државните резерви со гориво, иако по сопствено признание знеле дека ќе следи криза уште во ноември мината година. Интересно е што надополнувањето со дизел гориво е направено токму од Русија, односно од фирмата „Лукоил“, истата за која Бујар Османи рече дека граѓаните кои се снабдуваат со нафта од овие бензински пумпи, индиректно ја финансираат руската армија.

Само десетина дена пред инвазијата на Украина, Македонската влада се освестила и конечно решила да ги надополни државните резерви со купување нафта во вредност од половина милион евра и тоа, не од било кого, туку од руската компанија Лукоил.

Договорот бил склучен на 9 февруари годинава, а исплатата е направена на 4 март, додека во ек беа воените дејствија.

Со Агенцијата за нафтени резерви раководи Уљуси Бекири, кадар на ДУИ. Ова е најголема исплата на Агенцијата за компанијата Лукоил и го надминува досегашниот рекорд со овој трговец од јуни 2013, кога во еден ден му биле исплатени над 375 илјади евра.

Неколку дена по исплатата на парите, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, изјави дека оние кои купуваат руско гориво ја финансираат руската армија.

  • Граѓаните кои се снабдуваат со нафта од руски компании во земјава, индиректно ја финансираат руската армија. Главните средства на Русија доаѓаат од изворите на природен гас и нафта. Како што гледате Европа е зависна од тој гас и од нафтата и доставата не е прекината целосно токму поради таа зависност, изјави Бујар Османи на 8 март.

Инаку власта тврди дека со месеци однапред знаеле за воениот конфликт, но набавката за дополнување на државните резерви е направена речиси во „5 до 12“, кога нафтата на светските берзи веќе почна да оди нагоре поради тензиите предизвикани од воените вежби кои и претходеа на инвазијата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста