Власта ги отстранува галиите на Вардар, дали следна за уривање ќе биде Порта Македонија?

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов почна со уривање на галиите во реката Вардар во строгиот центар наградот. Екипите на Улици и патишта придружувани од полицијата денеска почнаа да го вадат инвентарот од бродот. Откако цела опрема ќе биде извадена ќе се демонтира конструкцијата на бродот. Шилегов вели дека сите услови се исполнети галијата да биде отстранета.

„Нивната жалба беше одбиена од Апелациониот суд, исполнети се сите правни услови. Демонтажата ќе ја врши ЈП Улици и патишта, а потоа фактурата ќе биде испратена на сопственикот. Градот нема да има никакви финансиски импликации“, кажа Шилегов.

Градоначалникот Шилегов верува дека во наредниот период ќе се створат услови да се отстранат и другите две галии.

„Искрено велам дека ќе се создадат услови, ама ако не во овој, во другиот мандат ќе ја завршиме работата,“ рече градоначалникот Шилегов. 

Откако ќе се домонтира галијата, материјалите ќе се сместат во складиштата  на Град Скопје. Според Шилегов,  во меѓувреме сопственикот може да одлучи самиот да ја демонтира и да си ја подигне галијата.

Но  сопственикот, кој е бугарски државјанин,  не се согласува со скопскиот градоначалник. Управителот на фирмата „Сервис АД“ Жарко Миленковски тврди дека град Скопје нема никаква основва да ја отстрани галијата

„Урбаната опрема се урива без судско решение. Ние за време на пандемијата испративме допис до Градот, но не добивме одговор. Сега сите кирии се платени. Ова е инвестиција од 1.2 милиони евра на бугарски државјанин, не е добра порака која се испраќа до странските инвеститори“, рече Миленковски.

Во меѓувреме Министерството за култура ја тргна заштитата на „Порта Македонија“, со што се отвори можност и за нејзино уривање. Дали портата ќе биде следна на списокот за уривање како дел од проектот Скопје 2014? Според градоначалникот на  на Општина Центар, Саша Богдановиќ  за тоа треба да одлучи инвеститорот, односно Министерството за култура, од каде  ја поддржуваат определбата на Владата за решавање на, како што ги нарекуваат  – незаконските проекти.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста