Ништо од ветувањата за поевтино здравство во пандемија – Власта ги одби предлозите на опозицијата

Опозицијата ја обвини Власта за самоволие, лицемерие и немање желба и слух да им помогне на граѓаните, откако на пленарната седница не го усвоија предлогот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ –  Законот за здравствена заштита да биде изгласан и донесен по скратена постапка. Од ВМРО-ДПМНЕ критикуваат дека одбивањето на предлозите е срам за кој јавноста мора да слушне.

СДСМ и владејачкото мнозинство денес го одбија нашиот предлог со кој се предвидува рефундирање на разликата во цената помеѓу приватното и државното здравство на граѓаните кои се лекувале од КОВИД 19 во приватните болници. Дополнително,  предложивме оние кои нема да можат да бидат примени во државна установа, да можат да отидат во приватна болница, каде ќе бидат лечени по цени, исти како и во државното здравство. Исто така, предложивме граѓаните со хронични и останати болести, кои повеќе од 60 дена се на листа на чекање за некоја операција или друга здравствена, дијагностичка и интервентна услуга во државното здравство, да можат да отидат во приватна болница, а услугата да ја платат по цена како во државното здравство – вели Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

И не само предлог измените за Законот за здравствена заштита. Владејачкото мнозинство одби и низа други предлози, како оној на Левица по скратена постапка да се донесе Законот за утврдување на максималните цени за болничко лекување и за тестирање на пациенти со Ковид-19 во приватните задравствени установи. Одбиени се и предлог законските измени во Законот за основно образование со цел да остане стариот начин на изучување на предметот историја и предлогот за измени во Законот за тутун. И Законот за служба во Армијата, за кој предлог измени имаа поднесено од ВМРО ДПМНЕ со цел да се решеле одредени суштински проблеми, останува непроменет. Собранието не го усвои предлогот на пратеникот Антонијо Милошоски, кој предложи Предлогот за именување член на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија да биде повлечен од дневен ред.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста