Владината понуда за земјоделското земјиште е задоцнета

Сончоглед се сади во првата половина од април, а не по месец и половина. Владините мерки се задоцнети – реагираат експертите по земјоделство. Додека заинтересираните земјоделци да аплицираат и учествуваат на јавното наддавање за речиси 6 илјади хектари земјоделско земјиште ќе биде предоцна, иако временските услови можат да ја олеснат ситуацијата – вели професорот од Земјоделскиот факултет Зоран Димов. Според него, ќе има заинтересираност за сеење на оваа индустриска култура, но тоа ни оддалеку нема да ги задоволи потребите на домашниот пазар. Од сегашните 5, можело да се стигне едвај до 10% од потребите на населението.

За разлика од стручната јавност, министерот за земјоделство се пофали со мерките. Тој смета дека со понудата на 6 илјади хектаи земјоделско земјиште значително се зголемува домашното производство на 10 стратешки култури. Ќе се наддава за 700 парцели поголеми од 3 хектари во 14 региони каде што успеваат овие култури.

Мерките се „гаснење пожар“ во „5 по 12“. За да не се случи надлежните да се заинтересираат и определат дополнителни мерки за одредени житни и индустриски култури дури кога ќе се случи криза, неопходна е стратегија. Аналитичарите препорачуваат да се определат приоритетни култури кои континуирано ќе бидат во фокусот на секоја Влада. Одредени индустриски култури се веќе неповратно изгубени, но одгледувањето и пропизводството на сончоглед, маслодајна репка и афион мора да се зголеми – вели Димов.

Одредени индустриски култури по кои земјава била препознатлива во минатото повеќе ги нема на македонските ниви.Пред 30 години се произведувале дури 152 илјади тони шеќерна репка, а сега нула. Сончогледот, пак, е десеткуван оддамна. Од 46 илјади тони во 1989 година, во предпандемиските години биле произведени едвај 3.400 тони.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста