Владин функционер предизвика дипломатски скандал, Владата молчи- Хрватска и Словенија со протестни ноти?!

Молк од Владата за дипломатскиот скандал кој го предизвика владиниот функционер Горјан Тозија. Хрватските медиуми известуваат дека Хрватска, која важи за земја пријател на Македонија, подготвува протестна нота, откако Тозија на социјалните мрежи ја нарече фашистичка држава. Алфа ја запраша Владата дали ќе го разреши директорот на Агенцијата за филм, но одговор се уште не добивме. Го прашавме лично и Тозија, дали ќе поднесе оставка, но и тој молчи. Покрај Хрватска владиниот функционер ги нападна и Унгарија и Словенија.

-На кој си извинуваш и зошто, се е тоа масло на збратимените партии ХДЗ и ВМРО… Тоа е помош во време кога мака мачи ХДЗ, како да се одбрани од Европа за своето усташство и легализација на поздравот „За дом спремни“… Се другото е неточно… И еве како Усташите удираат по Владата во Македонија, тоа е таа екипа на Орбан, Пленковиќ, кој си доби по нос за поддржување на недемократските процеси во Унгарија, Јанша, Груевски, тоа е тој клуб на криминалци, напиша Тозија во коментар на Фејсбук.

Ваквиот став на Тозија предизвика бура реакции во Хрватска. Здружението на загребските доброволци „Бранители на Вуковар“, испрати отворено писмо до премиерот Андреј Пленковиќ, во кое се бара Владата да реагира за овие коментари.

-Согласно член 110 од хрватскиот Устав, ние бараме да ја исполните својата уставна обврска како Премиер на Хрватска, да реагирате и да го заштитите угледот и честа на Република Хрватска од несовесните напади на висок државен службеник на Македонија. Ваша обврска е да побарате од македонската влада да коментира дали тие ја поддржуваат позицијата на нивниот службеник во кој тој јавно ја напаѓа Хрватска како фашистичка земја и хрватската влада како криминалци, бараат од здружението „Бранители Вуковар“.

Словенечкиот весник „Демокрација“ исто така најавува дека и Словенија подготвува формална реакција за однесувањето на Тозија.

-Во Словенија, како и во Хрватска, веќе почнаа да се движат тркалата на дипломатијата за да се изреагира на навредите, и да се испита дали овие ставови се ставови и на Владата на Република „Северна“ Македонија. Овие држави и упатија помош на Македонија за време на епидемијата на коронавирусот, пишува Демокрација.

Демокрација пишува и дека Тозија се соочува со истрага во Хрватска, околу одредени тендери и дека се разгледува текот на парите во бизниси кои ги иницирал како македонски претставник.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста