Владата со германска фотографија промовира македонски туризам, авторот на фотографијата се изнасмеја

„Дома си е дома“ ама со фотографија од Германија. Скандалозен старт на владината кампања за летување во Македонија. Наместо пејзаж од Шар Планина или Маврово, природа од германско езеро.

Преку фотографијата од германскиот национален парк „Берчесгаден“, Владата ги повикуваат граѓаните да летуваат дома, доделувајќи ваучери за туризам. На ова експресно реагираше авторот на фотографијата. На неговиот Instagram профил напиша дека ваквиот потег на една држава бил смешен.

– Смешна неделна приказна. Ја објавувам оваа фотографија слободно на интернет и сега завршува на чудни места. Моментално Владата на Македонија одлучи да ја искористи за промоција на нивниот туризам и Македонците се обидуваат да откријат каде е ова место. Инаку ова е езерото Konigssee во Македонија, умирам од смеење, пиша авторот на фотографијата на стори од Инстаграм.

Ама ова не е прв гаф. Претходно, и лидерот на СДСМ Зоран Заев на Твитер се пофали дека владата дава ваучери за домашен туризам, мерка за заживување на домашниот туристички сектор, но со туѓа фотографија.

За скандалот да биде уште поголем, целата кампања за летување дома тежи 20 илјади евра, што јавноста ја револтира по неколку основи. Прво заради германската фотографија, второ заради парите кои во време на корона се одлеваат од буџетот, и трето заради тоа што името Македонија го нема никаде, како замена стои „дома“ „домашно“, нашата земја или македонското знаме. Но затоа стои фотографија од германско езеро зачинета со исмевањето на Владата од страна на авторот што ја направил.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста