Владата се пофали: Стартува одбележувањето на Рамковниот договор вредно полoвина милион евра народни пари

Започнува прославата на 20 годишнината од Охридскиот Рамковен договор, која граѓаните на Македонија ќе ги чини 500.000 евра. Пари кои ќе бидат дадени за билети за превоз, рекреативни, културни и спортски услуги, хотелски услуги, услуги за организирање настани, и печатени предмети и сродни производи. По повод овој јубилеј, настани ќе има секој ден отсега до 13 јули, денот кога беше потпишан договорот во Охрид.

За ова беше одржана и тематска седница на Владата, на која сепак не беше спомената сумата која ќе се плати за организација на прославата, организирана од министерството за политички систем на првиот вицепремиер Артан Груби. Тој на кратко соопшти само какви активности ќе има наредниве 20-тина дена, но и се заблагодари на коалициониот партнер од власта.

-Годишнината ја одбележува токму оваа коалиција, која што рушеше табуа од 2002-ра па се до 2006-та година и ја презема огромната одговорност храбро да го трансформира нашето заедничко општество, изјави Груби.

Благодарност до коалициониот партнер упати и другата страна, преку министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Таа на владината седница, порача дека токму тие се заслужни за имплементацијата на рамковниот договор.

-Клучната разлика меѓу Охридскиот рамковен договор и сите овие договори е имплементацијата, а таа беше ваша и мислам дека тоа беше една од тезите која треба да ја имаме. Има работи од кои не сме горди како држава, грешки кои сме ги направиле, слабости кои се уште ги чувствуваме. Има некои работи кои пристојно сме и сработиле. Малку на овие теми, па дури и со контроверзии, па дури и со критика да дискутираме и со младите во нашето општество, изјави Шекеринска.

Додека за одбележување на 20 годишниот јубилеј од Охридскиот рамковен договор беше направена и специјална владина седница, се уште е непознато како Владата ќе го прослави јубилејот, 30 години независна Македонија на осми септември. Засега нема никакви информации, освен објавеното лого, кое предизвика бура реакции во јавноста, за кое граѓаните кажаа дека било згрешено македонското знаме.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста