Владата нема соодветен концепт за соочување со последиците од економската криза – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ за сетот мерки на Ковачевски

Владата нема соодветен концепт за соочување со последиците од економската криза – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на сетот старо нови мерки на премиерот Димитар Ковачевски. И покрај мерките за замрзнување на цените, ограничувањето на маржите инфлацијата не сопира. Опозициската партија критикува дека комплицираниот модел на Ковачевски за намалување на акцизата, не гарантира дека ќе придонесе многу.

Наместо да го прифати предлогот за намалување на акцизата кај нафтените деривати, како што предлага ВМРО-ДПМНЕ, со што цената на бензинот од утре би се намалила за 13 денари, а на дизелот за девет денари, премиерот Ковачевски денес предложи комплициран модел за намалување на акцизата кој не само што не го разбра јавноста, туку и не гарантира дека ќе придонесе за намалување на малопродажната цена на горивата. Што да се каже за мерката намалување на ДДВ за централното греење, електричната енергија и одредени видови основни животни намирници. Ако мерката за намалување на акцизата е премалку, ова намалување на ДДВ сигурно доаѓа предоцна – изјави Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ бара итен ребаланс на буџетот кој ќе предвидува покачување на платите во образованието, здравството, полицијата, армијата и покачување на пензиите за 20%. Бараат и зголемување на дотациите на општините, а НБРМ  повеќе да се посвети на ценовната стабилност и спречување на растечката инфлација.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа итно да се закаже седница на која ќе се расправа за укинување на Данокот на додадена вредност за храната и да се преполови.

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил објаснува како со намалување на акцизата на горивата за 50 отсто, дизелот ќе поевтини за 9, а бензинот за 13 денари.

Сепак, овие два предлози ќе бидат ставени на дневен ред на седницата следниот вторник. И Левица ги поддржа овие предлози, а од Демократски сојуз само преку соопштение информираа дека цените на нафтата и гасот треба да се одржуваат преку намалување на акцизата, но не се знае дали ќе има согласност помеѓу политичките партии за колку проценти ќе биде намалена.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста