Владата нема намера да интервенира во цената на горивата

Државите во регионот се обидуваат да го заштитат стандардот на своите граѓани пред налетот на се повисоките цени на горивата.. Хрватската влада донесе уредба со која на 30 дена се ограничува цената на горивата. Премиерот Пленковиќ вели ќе ги анализира состојбите и трендовите на светскиот пазар и, доколку е потребно, ќе реагираат односно по истекувањето на едномесечното замрзнување на цените на горивата ќе ја разгледаат можноста за дополнително двомесечно продолжување на мерката колку што им дозволува законот.

По серијата денови кога анализиравме што да правиме, имавме индикации дека цената на горивото може да се зголеми следниот вторник и решивме да спречиме нов удар врз стандардот на нашите граѓани. Затоа, ние го искористивме она што ни го дозволува Законот за нафтени производи, член 9, да и дозволиме на Владата, исклучително со регулирање на цената што работи пазарот во такви околности, да го направи овој чекор  објасни хрватскиот премиерот.

Максималните износи на цените ја вклучуваат цената на нафтениот производ, акцизата и ДДВ-то, како и премијата на енергетскиот ентитет, која ја вклучува и маржата. На хрватските бензински пумпи литар бензин се продава од 1,48 евра и на дизелот на 1,46 евра.

А што прави македонската влада за да ги помогне граѓаните и стопанството со ограничување на цената на горивата? Од владата за Алфа велат дека Македонија не може да го следи примерот на Хрватска бидејќи пазарот на нафтени деривати ТАМУ е целосно либерализиран, додека  во Македонија цената на нафтените деривати ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика.. Согласно оваа методологија Македонија, како што велат од владата, има најевтини горива.  Македонските граѓани точат ЕУРОСУПЕР БС- 95 по цена од 75,5 денари а ЕУРОСУПЕР БС – 98 по 77,5 денари, додека ЕУРОДИЗЕЛ БС 67,5 денари. Екстра лесното масло за горење се продава п0 67 денари, а мазутот по 42,7 денари.

Никој не го спори фактот, дека горивата во Македонија се поевтини од тие што се точат на бензинските пумпи во Хрватска, но колку тоа ќе им помогне на македонските граѓани ако се земе предвид просечната плата. Во Хрватска таа изнесува околу 800 евра, а во Македонија е едвај 470 евра..

Во Европа, најскапи горива точат граѓаните на  Холандија, по кои следуваат Данска и Норвешка, Словенија, Австрија Чешка и Луксембург. НаЈефтино гориво купуваат граѓаните во Молдавија, Украина, Бугарија, Романија и Полска.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста