Владата не знае колку млади граѓани се отселиле, но се фали со двајца вратени!

Владата нема начин да преброи колку млади луѓе се отселиле од земјава, но се фали со двајца кои се вратиле. По вчерашната изјава на министерката Зорица Апостолска дека се регистрирани два случаи на вратени печалбари од странство благодарејќи на бенефитите овозможени до владата, портпаролот Миле Бошњаковски денеска немаше одговор како оди обратниот процес, односно колкумина неповратно заминале да си ја побараат среќата во странство.

Дека граѓаните, особено младите, масовно се иселуваат од Македонија се согласни сите. Застрашувачките податоци се надополнети со анкети кои покажуваат дека и огромен дел од оние што се тука, веднаш би ја напуштиле државата доколку им се појави можност. Но актуелната Владина гарнитура, која сега нема податоци за иселувањето, во времето кога беше опозиција зборуваше за конкретни бројки, кои одеа до неверојатни 600 илјади луѓе иселени од земјата, благодарејќи на катастрофалните политики на претходната власт во која беше и нивниот сегашен коалиционен партнер ДУИ.

Се организираа и перформанси пред државните институции, со напуштените чевли на оние кои се отселиле од родната грутка, а притоа се ветуваше дека со нив на чело на државата ситуацијата драстично ќе се промени на подобро.

Проблем со емиграцијата во богатиот запад имаат сите земји во соседството, без разлика дали се членки на НАТО и ЕУ или се во фаза на преговори. Но експертите предупредуваат дека кај нас иселувањето на младите има речиси епидемиски пропорции и нема никакви показатели дека тоа во блиска иднина ќе се промени. Инаку сите истражувања на јавното мислење во последно време покажуваат дека над 80% од младите сакаат да си заминат во странство.

Драган Милосављевиќ