Владата не очекува „сопки“ за задолжувањето од дополнителниот заменик министер за финансии во техничката влада

Владата сака да продолжи слободно да се задолжува следната година. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев очекува конструктивност и разбирање од политичките партии кои ќе имаат свои претставници во техничката влада почнувајќи од 3-ти јануари. Тој смета дека дополнителниот заменик министер за финансии кој ќе биде од опозицијата, без чиј потпис нема да можат да се донесуваат одлуки, нема да прави проблеми. Министерката за финансии веќе најави дека дефицитот во буџетот ќе се покрива со странски кредити или издавање еврообврзница.

СДСМ, кога како опозиција пред неколку години го имаше дополнителниот заменик-министер за финансии Кире Наумов правеше опструкции кога тогашната Влада се обидуваше да издаде еврообврзница на меѓународниот пазар. Поради ваквите потези, првиот пат еврообврзницата тежеше 250 милиони евра помалку од предвиденото, вториот пат со писма до меѓународните финансиски институции се обидуваше да блокира. Сево ова резултираше, меѓу другото и со повисоки стапки на задолжување.

Токму пред крајот на годинава, Владата одлучи за првпат вонредно да позајми 150 милиони евра од домашните банки за враќање на стар долг од 2013-та, а склучи договори за заеми од близу 300 милиони евра со повеќе меѓународни финансиски институции за пречистителни станици, локални патишта, студентски домови.

Догодина, нето задолжувањето ќе изнесува 320 милиони евра, од кои 200 милиони на домашниот пазар, а остатокот во странство. Јавниот долг од сегашните 47.7% од БДП, во 2020-та може да достигне 51% од БДП.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста