Владата мора да открие повеќе за истрагите што се водат против лица за односите со Бугарија

Власта мора да биде потранспаретна околу истрагите што се водат против лица за нарушување на односите со Бугарија. Во јавноста се стекна сомнеж дека со ваквите информации власта има за цел цензура на луѓето кои јавно говорат против политиките на Македонија во однос на источниот сосед. Универзитетскиот професор Ненад Марковиќ за Алфа вели дека надлежните мора да откријат нешто повеќе околу овие истраги, со цел да нема сомнежи во јавноста дека станува збор за обид за замолкнување на граѓаните.

-Многу е битно да се биде транспарентен во овие процеси, многу е битно јавноста да биде константно запознаена, да не се стекне впечаток дека се работи за лов на вештерки, да се добиваат прецизни информации во рамките на оние информации кои смеат да и бидат достапни на јавноста. Се надевам дека нема да има тука класифицирани информации, можеби се работи за контакт со други странски служби што секако е недозволиво доколку работите во одредени институции, вели Марковиќ. 

Според Марковиќ не станува збор за обид за цензура, но сепак вели мора да се откријат повеќе детали, бидејќи според него ние во моментов не знаеме воопшто за што станува збор, дали има или нема некакво кривично дело. Марковиќ порачува и дека медиумите во наредниов период ќе мора будно да го следат овој случај.

-Во принцип ние не знаеме за кои кривични дела тука станува збор, ако воопшто станува збор за кривични дела, можеби се повредени само професионални етички норми. Во секој случај ќе мора јавноста да биде малку запознаена, бидејќи ова доста осетливо прашање да се остава простор за шпекулации, вели Марковиќ.

По информациите дека се воделе истраги и доскорешниот преговаварач во спорот со Бугарија, Владо Бучковски соопшти дека во државава, но и во Софија постоеле луѓе кои работеле против компромисот на Македонија и Бугарија.

-Бугарија и Северна Македонија можат да постигнат договор за време на француското претседателство со Европската унија. Климата за преговори сега е подобра. Има шанса за договор следниот месец. Постојат групи во Софија и Скопје кои работат против компромис и договор меѓу нашите две земји, вели Бучковски.

Инаку, дека постојат лица кои работеле против односите на Македонија со Бугарија прво откри бугарскиот премиер Кирил Петков, а истотото го повтори и нашиот премиер Димитар Ковачевски, потенцирајќи и дека се воделе истраги во државава, но не откривајќи ништо повеќе.  

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста