Владата конечно со сет мерки, бизнисмените гневни, граѓаните извисија

Владата конечно излезе со првичниот сет на мерки за помош на бизнисот. Тие вклучуваат 50% субвенционирање на придонеси во период од три месеци почнувајќи од април во секторите туризам, транспорт, угостителство, како и бескаматни кредити до 30 илјади евра преку Развојната банка со грејс период од 6 месеци. Ќе има ослободување од аконтации за данок на добивка, 50% намалување на затезната камата, како и на казнената камата за јавните давачки, забрана за извоз на брашно, посебен фонд за помош на туризмот, ЗАМП да ги стави побарувањата од угостителите во мирување 6 месеци. НБРМ, пак, ја намали задолжителната резерва за сите новоодобрени кредити.

Бизнисмените гневни. Реагираат дека барале итни мерки за пролонгирање на даночните обврски, помош за исплата на плати во сите сектори, поддршка за тие што ќе останат без работа. Добиле само минимум од она што го побарале.

Владата мерките биле навремено и добро смислени.

Граѓаните извисија. Одложување на обврските за плаќање рати за кредити и сметки за комуналии нема. Владата вели во прашање биле приватни фирми, па треба да се смета на нивната добра волја да ги реструктуираат кредитите. Откако ја намали основната камата на 1,75%, како и задолжителната резерва, Народната банка вели дека разговараат со деловните банки како да ги олеснат условите за да им помогнат на граѓаните со враќање на земените кредити.

Откако вчера претседателот Пендаровски предупреди дека за излез од оваа состојба ќе бидат неопходни дополнителни 500 до 700 милиони евра, денеска министерката за финансии уверуваше дека финансиска помош освен од домашни извори , може да се обезбеди и од меѓународните финансиски институции.

За имплементирање на мерките од државната каса ќе се потрошат плус 16,2 милиони евра. И покрај кризата со коронавирусот, НБРМ очекува стабилна инфлација од 1,5% годинава.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста