Владата ќе ја разреши Афрона Веризволи од главен ревизор на ИПА фондови
Афрона Веризволи по само неколку дена директорување ќе биде разрешена од Владата од позицијата прв човек на Телото за ревизија на ИПА Фондовите.
Таа на позицијата дојде по предлог на Вреди, а во јавноста се реагираше дека не ги исполнува условите и дека нема лиценца за ревизор.
„Ја известуваме јавноста дека назначената Афрона Веризволи во текот на утрешниот ден ќе биде разрешена од местото ревизор на ИПА фондовите. Воедно посочуваме дека е потребно и вниманието да се насочи кон отворените злоупотреби на парите од ЕУ и фондовите ставени на располагање кои беа присутни во изминатиов период, а за кој постои и пишан траг и нотификација од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) кои поради таквото работење побаруваат од државата исплата на неколку милиони евра“, брифираат од Владата.
Оттаму наведуваат дека пренасочувањето на вниманието кон други теми го толкуваат како бегство од одговорност за ваквите злоупотреби. И од коалицијата ВЛЕН, од каде што доаѓа Вервизоли, соопштија дека ќе биде назначено друго лице.
„Ја информираме јавноста дека коалицијата ВЛЕН уште пред неколку дена го повлече именувањето на Афрона Веризволи како ревизорка на ИПА фондовите. Иако Веризволи има одлично CV и значително професионално искуство, донесовме одлука таа да биде привремено заменета со друг кадар од нашите редови. Оваа одлука е направена со цел да се осигура дека сите строги стандарди и барања на Европската Унија ќе бидат целосно исполнети, додека Афрона го заврши својот обврска со добивање на сертификатот“, гласи соопштението на коалицијата.
Претходно опозициската СДСМ реагираше дека се поставуваат несоодветни кадри,а владејчаката ВМРО-ДПМНЕ порача дека ќе има одговорност за злоупотребите на европските пари.
Инаку услов за главен ревизор е кандидатот да има соодветна стручност, знаење и искуство во областа на ревизијата, уверение за стекнато звање од областа на ревизијата и дa поседуваaт еден од неколкуте меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години. Главниот ревизор за ИПА фондовите и целото ревизорско тело отчет даваат и пред ЕУ. За случајот со Веризволи, по инфомациите во јавноста дека таа имала единствено искуство од работа во банка се заинтересираа и Државната комисија за спречување на корупцијата и Делегацијата на ЕУ во земјава.