Владата ја разреши директорката на ДИЖС Ана Петровска

Владата ја разреши в.д. директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска и на најзино место го назначи Сретен Стојковски, кадар на ДОМ. Кои се причините за разрешувањето на Петровска официјален одговор нема, но јавна тајна е оти Петровска, која за директорка дојде како кадар на ДОМ, е во конфликт со лидерката на партијата, Маја Морачанин и дека разрешувањето може да се смета за кулминација на внатрепартиските случувања. Во изјава за „Дојче веле“, Петровска вели дека и понатаму ќе продолжи да работи за јавниот интерес.

„Мојата служба во инспекторатот беше привилегија. Некои проблеми во животната средина почнаа да се решаваат, уште многу останаа за во иднина. Јас останувам во секторот животна средина и без оглед што не сум веќе функционер, ќе продолжам да работам за јавниот интерес“, рече Петровска за „Дојче веле“.

Од Владата пак информираат дека кадровските решенија биле дел од меѓукоалициските договори, а токму оваа позиција во Инспекторатот била во надлежност на партијата ДОМ.

Внатрепартиските превирања во ДОМ „испливаа на површина“ кон средината на мај годинава кога токму Ана Петровска и тогашниот пратеник Мирослав Богдановски, останаа без партиските функции откако Централниот одбор им изгласа недоверба. Тогаш пратеникот Мирослав Богдановски најави дека ќе дејствува како независен, а кон крајот на јуни поднесе оставка во Парламентот.

Ова не е прв пат власта да „казнува“ директори кои посветено работат во интерес на граѓаните, со цел да ги задоволи амбициите на коалициските партнери. Претходно на ист начин беше разрешен и директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, поради тоа што одби да вработи 35 „рамковни“ административци.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста