Владата и натаму си молчи за скандалозното однесување на Тозија
Владата и натаму молчи за дипломатскиот скандал кој го предизвика владиниот функционер Горјан Тозија со пријателска Хрватска. Хрватските медиуми веќе известија дека Загреб подготвува протестна нота, откако Тозија на социјалните мрежи ја нарече Хрватска фашистичка држава. Здружението на загрепските доброволци „Бранители на Вуковар“, испрати отворено писмо до премиерот Андреј Пленковиќ, во кое се бара Владата да реагира за овие коментари. Словенечкиот весник „Демокрација“ исто така објави дека и Словенија подготвува формална реакција за однесувањето на Тозија кој ги навреди и словенечкиот и унгарскиот премиер Јанша и Орбан. Демокрација пишува дека Тозија се соочува со истрага во Хрватска, околу одредени тендери и дека се разгледува текот на парите во бизниси кои ги иницирал како македонски претставник.
Сепак владата и МНР се неми во врска со можноста Тозија да поднесе оставка, а самиот тој наместо да одговори, ги нападна медиумите кои известуваат за неговите потези.
Горјан Тозија кој инаку е прв човек на Агенцијата за филм, во минатото практично го стопираше правењето на македонски филмови со историска содржина, а од друга страна самиот учествуваше во создавањето на неколку филмски дела со таква тематика.