Владата и Царовска остануваат сами- никој не се согласува со новиот образовен концепт

Владата и Царовска остануваат сами за новата Нацрт концепција за основно образование. Но како мува да не ги лази, промени ќе имало, промени кои ќе значат укинување на предметот историја, и спојување со уште два предмети. Речиси никој од експертската јавност не даде поддршка за проектот на министерката за образование. Реагираа од Педагошкиот факултет, кој ги дава кадрите кои се наставниците во основните училишта. Предупредија дека не е потребно брзање во овој процес.

-Сериозните промени какви што се предлагаат, претпоставуваат претходен долготраен истражувачки период кој тука изостанува. Решенијата понудени во Нацрт-концепцијата не се засновани на прецизна идентификација на вистинските проблеми и предизвици во основното образование, потенцираа од оваа образовна установа.

Реагираа и од Филозофскиот факултет, од каде велат дека нема докази дека ваквиот пристап ќе го зголеми квалитетот на образованието.

-Нацрт-верзијата содржи методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на воспитно-образовната и општествената реалност во државата. Имплементацијата на Концепцијата може да предизвика сериозни проблеми во сферата на образованието, велат од Филозофскиот факултет.

Предупредување пристигна и од највисоката научна институција во Македонија, Македонската Академија на науките и уметностите.

-Потребно е стручно и целисходно водење на сите реформи на образованието во нашата држава, а реформите треба да обезбедат систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, порачуваат од МАНУ.

И покрај жестоките реакции, Царовска не ги слуша експертите, вели реагирале поради лажна вест.

-Лавина на реакции во однос на оваа концепција се случи врз основа на лажна вест. Тоа покажува дека ова значи дека малку сме спремни да препознаеме што значи лажна вест и да ја споредиме, и да видиме дали она што ни се нуди и планира, може да не однесе во погрешна насока, изјави Царовска.

Се огласија и професори од Природно-математичкиот факултет кои ги држат предметите Методика. Јасно и порачаа на министерката Царовска дека нагли промени во образованието ќе бидат непродуктивни и штетни.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста