Владата го претстави четвртиот пакет антикризни мерки

Околу 280.000 граѓани ќе добијат платежна картичка од 6000 денари за купување на домашни производи. Ова е дел од четвртиот пакет мерки на Владата за да се намалат економските последици кои ги остави корона кризата. Картички ќе има за пензионерите со примања под 15.000 денари, самохраните родители, невработените, самостојните уметници, но и за околу 540 студенти кои во претходниот пакет мерки останаа изоставени. Ќе продолжи и помошта за исплата на плати и тоа за сите компании кои прикажале загуба во работењето од април до август годинава. Сумите ќе се распределуваат скалесто. Компаниите кои во меѓувреме отпуштиле работници ќе треба да ги вратат на работа пред да аплицираат за мерките.

„Колку е поголем падот на приходите во компаниите опфатени со оваа мерка толку ќе биде поголема поддршката од државата за исплата на платите и таа ќе се движи од досегашните најмалку 14.500 денари помош и поддршка по вработен до 21.776 денари“, вели претседателот на Владата, Зоран Заев.

Мерки ќе има и за најпогодениот сектор – туризмот. По 21.000 бруто плата за последниот квартал од годината ќе добијат 150 туристички водичи. 2 милиони евра за поврат на туристичката такса за минатата година, а околу 500 туристички агенции ќе добијат грантови во висина од 3000 до 7000 евра. Поддршка ќе има и за занаетчиите.

„Со неа се предвидува намалување на ДДВ-то на нивните стоки и услуги од 18 на 5 проценти за да ја зајакнеме нивната конкурентност на пазарот и да мотивираме се повеќе квалификуван кадар во занаетчиските дејности. На самостојните вршители на дејност, односно на занаетчиите им остануваат паралелно на располагање и другите мерки како оние за поддршка за исплата на платите“, рече Заев.

Долго најавуваниот викенд без ДДВ е веќе закажан за продолжениот празничен викенд, 10-ти, 11-ти, и 12-ти октомври. Граѓаните, во текот на трите неработни денови, ќе може да купуваат домашни производи, компјутери и ИТ опрема во висина од најмногу 30.000 денари. ДДВ-то ќе им биде вратено само на оние кои ќе ги скенираат сметките преку апликацијата Мој ДДВ.

Четвртиот пакет мерки државата ќе ја чини 470 милиони евра – пари обезбедени преку Буџетот, но и со странски кредити.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста