Владата го правда Заев за средбата со Биг Мајк- Донот на марихуаната

Иако премиерот Зоран Заев своите профили на социјалните мрежи и официјалниот сајт на Владата ги користи за да се пофали со средби со потенцијални инвеститори во Македонија, тој реши овие алатки за комуникација со граѓаните да не ги искористи за средбата со Инстаграм кралот на марихуанта, Биг Мајк. Одлуката на Заев да не се пофали со оваа средба, отвори голем број прашања, едно од нив е дали премиерот можеби се обидува да сокрие нешто.

Прашање зошто јавноста не била информирана Алфа постави до Владата, од таму пак се правдаат дека не постоела пракса за објавување на сите средби кои премиерот ги имал.

-Владата на Република Северна Македонија и премиерот Зоран Заев на дневно ниво реализираат бројни средби и работни состаноци на економски теми. Не постои професионален стандард или пракса за јавно информирање за сите работни средби во Владата, велат од Владата на Македонија.

Јавноста најверојатно никогаш нема да дознаеше за оваа средба на Заев, доколку Биг Мајк не се пофалеше на социјалните мрежи. Еден од најголемите производители на канабис во светот, на Инстаграм напиша дека Македонија ќе се претвори во една европска канабис суперсила.

-Само што остварив средба со премиерот на Македонија, Зоран Заев, разговаравме многу за канабисот. Да ви кажам, оваа земја има огромен потенција и јас сум возбуден да бидам дел од претворањето на Македонија во една од првите канабис суперсили во Европа, напиша на Инстаграм Биг Мајк.

Мајкл Страумитис како што е правилното име на Биг Мајк, својот Инстаграм профил го користи за промоција на придобивките од марихуаната, а за тоа често знае да искористи и убави девојки. Тој во една од пораките вели дека канабисот помага за подобро спиење.

Но покрај активностите на социјалните мрежи, за самопрогласениот „Марихуана Дон“ канабисот е и еден голем бизнис, што му носи милиони долари. Токму тоа како да го поврзува со Заеви. Најголем дел од компаниите кои произведуваат масло од канабис во Македонија, се во семејна или пријателска релација со Зоран Заев.

Според официјално достапните податоци, претставници на семејството на семејството на премиерот инкасирале 3,3 милиони евра од бизнисот со марихуана. Освен семејството на премиерот, во бизнисот со канабис е влезен и Ване Андреев, адвокатот на Заев, кој е дел од сопствеништвото на „Канабис ОНЕ Доо Струмица“.

Матеја Петровски