Владата ги ограничува јавните собири

Една недела без јавни собири – Владата со препорака до организатори на јавни настани, да ги одложат или да ги откажат. Одлуката е донесена во консултација со Комисијата за заразни болести, а поради страв од ширење на корона вирусот во земјава. Ќе важи и за спортски натпревари и за културни манифестации – за нив надлежните препорачуваат да се одржат, но без публика.

„Се откажуваат конкретно, струмичкиот карневал и карневалот во Прилеп. Им препорачуваме на организаторите на спортските настани истите натпревари да се одигруваат без публика. Ова го кажуваме затоа што очекуваме на тие настани да има дојдено многу луѓе од регионот на Северна Италија коишто таму работат а сега се враќаат и ќе присуствуваат на тие настани. Во овој момент нема ниту една епидемиолошка причина да се воведе строга забрана за било каков јавен настан на било кое друго место. Затоа ги потенцираме овие два настани“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Опасноста од ширење на вирусот Ковид – 19, не ги пишмани љубителите на хуморот, па вчерашната манифестација „Златна Бубамара на популарноста“ имаше масовна посетеност. На трибините и во публиката во спортската арена Борис Трајковски имаше неколку илјади посетители.

И покрај насоките од Владата, утрешниот натпревар помеѓу ракометните екипи на Вадрар и Монпелје, како дел од групната фаза во Лигата на шампиони, ќе се игра пред публика. Ваква одлука донесе раководството на РК Вардар, а ја соопшти преку социјалните мрежи. Сепак, ги повикаа фановите на трибините да не носат мали деца.

„Одлуката е донесена пред се поради краткиот период за било каква промена, а со оглед на тоа што станува збор за меѓународна средба која е одамна закажана, а и екипата на Монпелје е веќе пристигната во Скопје“, информираат од РК Вардар.

Вечерва во Младинскиот културен центар пак концерт ќе одржи групата Баклава. На Фејсбук страната на МКЦ стои статус оти концерт ќе има.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста