Владата дури на наредната седница ќе решава за укинување на задолжителното носење маски за децата

Задолжителното носење маски во училиштата итно да се укине, бидејќи мерката веќе нема ниту тежина ниту логика – реагира др. Ирена Витановска која работи со ковид-позитивни пациенти уште од почетокот на пандемијата. Според неа, здравствените власти многу порано требаше да донесат ваква одлука а епидемиолошката состојба дефинитивно го дозволува тоа.

Јас мислам дека веќе нема смисла, секаде мерките се секаде олабавени, треба и кај нас – вели д-р Ирена Витановска.

Јавноста, стручната фела, но и родителите на учениците подолго време апелираат учениците да ги тргнат маските. Владата на синоќешната седница не ја донесе очекуваната одлука за укинување на маските во основните училишта како што препорача Комисијата за заразни болести пред една недела.

Како опаѓа бројот на заразени, така опаѓа и притисокот врз здравствените работници, децидна е др. Витановска – тоа е доволна причина мерките да се олабават. На децата пак веќе им се  предолго покриени лицата, а допрва ќе се дискутираат психолошките последици врз нив.

Мене како медицинско лице, ми смета маската, а што останува за децата, кои по цел ден во училиште се со маски – додава Витановска.

Владата вчера не дискутираше за ниедна од мерките што Комисијата ги предложи минатата недела.

Кризниот штаб не заседаваше, немаше ниту најава за такво нешто – изјави владиниот портпарол Душко Арсовски.

Претпоследниот предлог на Комисијата исто така беше игнориран од страна на Владата, односно, на Кризниот штаб му требаше цел еден месец за да ја прифати сугестијата дека сертификатите за прележување на ковид треба да важат 180 дена.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста