Владата демантира дека Заев имал контакт со Седат Пекер

Владата се уште не дава одговор на трите прашања за поврзаноста на Пекер и македонската власт, кои опозицијата ги постави до нив, но и до премиерот Заев. Прашањата од ВМРО-ДПМНЕ се поставени откако во јавноста осамна видеото каде контроверзниот бизнисмен преку видео порака, пресметувајќи се со турските власти, кажа дека се познавал со Заев и бил на гости кај него.

Од опозицијата прашаа: Кога Заев се сретнал со Пекер надвор од Скопје, колку од советниците на Зоран Заев во неговиот кабинет оствариле средба со Седат Пекер? И со кои високи функционери од МВР октомври 2020 година, Седат Пекер имал средба во хотелот „Буши“ за што е известена и Агенцијата за национална безбедност?

Но одговор на прашањата нема, само демантираат дека премирот се познавал со Пекер кој доби македонски пасош со туѓ идентитет.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски пак писмено до Собранието достави пратеничко прашање упатено до министерот Спасовски кое дефакто е надврзување на трите прашања за кои властите одговор немаат.

Дали во периодот октомври-декември 2020 г. началникот во МВР за меѓународна соработка и Интерпол, Рефик Ќерими, остварил една или повеќе средби со мафијашот Седат Пекер, по кого токму Интерпол трага со потерница?

Од помош на оваа тема би можеле да бидат документите кои за меѓународниот мафијаш Седат Пекер ги води и Агенцијата за национална безбедност?-рече Антонијо Милошоски – ВМРО-ДПМНЕ.

А нема одговор ни од обинителството, дали по видеото од Пекер, тие ќе го повикаат Заев на информативен разговор или пак ќе оформат предмет по допрен глас, прашањата ги испративме вчера, но и денеска одговор не добивме.

Инаку случајот Мафија каде меѓу главните актери е Седат Пекер е случај кој го обелодени опозицијата  дека 214 криминалци добиле македонски пасоши со туѓ идентитет.

За оваа афера беа уапсени неколку лица, претежно шалтерски службеници во МВР, кои признаа вина и добија затворски казни. Но во јавноста барем засега нема информација дали истрагата е проширена и дали некој од високите ешалони на власта им давал насоки на службениците да даваат пасоши, со туѓи имиња.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста