Владата дефинитивно не знае како да вложува во инфраструктурата

35 милиони евра стојат неискористени. Владата не доставила список со барања до ТАВ Македонија каде да бидат вложени овие пари кои се обврзани да ги потрошат согласно концесискиот договор откако отпадна проектот за изградба на карго аеродром во Штип. Холдингот е подготвен средствата да ги намени за изградба на патишта, водоводи, училишта и други инфраструктурни проекти низ државата – чека на сигнал од надлежните.

-Имавме состанок со Владата и кажавме дека ќе ги потрошиме овие пари. Не сме добиле список, листа со барања, ќе ги потрошиме во оние места кои ќе ни каже Владата, имаме договор за ова“ вели Сани Шенер, претседател на ТАВ Холдинг

-Дополнителни 10 милиони дефинитивно ќе бидат инвестирани во модернизација и зголемување на капацитетите на аеродромите во Охрид и во Скопје. Концесијата истекува за 10 години, но холдингот ќе побара нејзино продолжување за уште 15 за што е подготвен да вложи дополнителни средства. Во овој случај стариот терминал најверојатно ќе биде урнат за да се направи место за проширување на новиот, изјави Алпер Ерсој, директор на ТАВ Македонија.

ТАВ влезе на мекедонскиот пазар пред една деценија. Оттогаш имаат инвестирано 120 милиони евра во аеродромите и имаат платено речиси 50 милиони како концесиски надоместоци и даноци.

Од скопскиот аеродром во моментов се лета до 44 дестинации. ТАВ преговара и со други авиокомпании за влез на македонскиот пазар, а се прават напори и за директно поврзување со Соединетите Американски Држави и со Канада.

Откако ТАВ дојде во Македонија бројот на патници е зголемен четирикратно и се очекува годинава да достигне 2.7 милиони.

Никола Крстиќ за Алфа телевизија од Бодрум, Турција