Владата без стратегија за новата учебна година

Родителите на деца до 10 години кои се дел од училишниот процес од денеска се на своите работни места. Владата одлучи да ги врати на работа, бидејќи школската година е завршена, па немало основ тие и понатаму да седат дома. И додека дел од родителите негодуваат дека и натаму немаат кој да им ги чува децата додека се на работа, бидејќи и дел од бабите и дедовците се во работен однос, во министерството за образование се уште не знаат дали оваа ситуација ќе продолжи и во септември – дали ќе продолжат да одат на работа или повторно ќе се вратат дома.

„Дали и какви мерки ќе бидат донесени во септември во врска со ова прашање, не би можеле да прејудицираме, бидејќи не може да се предвиди каква ќе биде состојбата со ширењето на вирусот Ковид 19 во тој период“ – велат од Министерството за образование.

Ќе седнат ли децата во школските клупи од септември? Процесот ќе биде особено тежок за првачињата, за децата кои ќе бидат 6-то одделение и за средношколците од прва година, кои првпат ќе треба да се сретнат со нови наставници. Ниту МОН, ниту Бирото за образование немаат стратегија за следната учебна година. Моментално се изработува документ за развој на систем за далечинско учење кој треба постојано да функционира, не само во вакви ситуации..

„Ние уште сега, преку еден инклузивен пристап на креирање решенија се подготвуваме за постапување при секое евентуално сценарио, вклучително и за настава од далечина доколку ситуацијата го наложи тоа. Друго сценарио и најпосакувано е целосно нормализирање на наставата, односно спроведување на воспитно – образовниот процес како и до пред појавата на пандемијата, или пак, реорганизација на истиот преку редуцирање на бројот на ученици во училница, воведување на смени во училиштата и слично“ – велат од МОН.

Сега директорите на училиштата и наставниците пополнуваат прашалник за да се детектираат позитивните и негативните аспекти на он-лајн учењето. Родителите неколку месеци критикуваа дека децата потешкиот наставен материјал можат да го совладаат директно од наставниците. Голем дел на ученици од руралните средини кои немаат стабилна интернет врска не можеа да следат он-лајн настава, ниту пак оние кои доаѓаат од повеќедетни семејства кои поседуваат само еден компјутер.

Тања Попова