Влада: Го разгледуваме предлогот на ВМРО –ДПМНЕ
Попис ќе има, но каков и дали ќе биде признаен? Власта упорно турка законот за попис ваков каков што е да помине во Собрание и да се реализира на пролет, опозицијата критикува, законот има дупки, не е прецизен и остава простор за фалсификат…нема простор ниту за дебата оти законот е со европско знаменце реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата на Мицкоски нудат решение, да се набават терминали за отисок од прст со кој ќе се изврши реален увид на сите резидентни граѓани и со тоа ќе се направи дистинкција од граѓаните кои имаат државјанство и актуелните резиденти.
Од Владата велат предлогот го разгледувале.
Ова се разгледува од надлежните институции, но сакаме да потсетиме дека спроведување на пописот е во интерес на сите граѓани….Државниот завод за статистика непречено ги извршува сите подготовки за организирање тоа да се случи во месец април 2021. Во пописот нема политика, ова е статистичка операција, ова е под мониторинг на Еуростат –речe Муамед Хоџа – портпарол на Влада.
Иако официјално од Владата велат предлогот е ставен на маса за дискутирање, министерката за одбрана Шекеринска како однапред да го знае одговорот, односно е против. Опозицијата бегала од попис , а за апаратите требало пари и време, вели Шекеринска.
Кога една партија неколку месеци пред пописот што сите го чекаме речиси 20 години, ќе ви даде предлог да се купат илјадници апарати за чија набавка не само што требаат пари, туку треба и долг временски период, тоа практично покажува дека повторно не сака да има попис – рече Радмила Шекеринска – министер за одбрана.
ВМРО-ДПМНЕ обвинува, власта пописот наместо статистичка операција го претвори во политички договор. Велат ваков попис каков што предлага власта нема да признаат.
Туркање на пописот на сила е кобно за државата. Токму затоа попис каков што сака СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ нема да признае. Власта го турка целиот процес без поширока консултација со опозицијата и другите релевантни чинители. Заев целосно ја исклучува јавноста и предлозите на опозицијата водејќи го процесот без консензус. Зоран Заев исто како што организира талибански избори, сега сака да организира талибански попис-рече Бојан Стојаноски – ВМРО-ДПМНЕ.
Бараат и да се објави методологијата според која се планира пописот, и да се овозможи на пошироката засегната и стручна јавност да даде допринос во насока на подобрување.
Мери Ѓорѓиевска