Византиски игри на Џафери ?!

Игра ли Џафери византиски игри? Или пак ваквото изгласување на законот за јавно обвинителство беше двојна игра на еден од челниците на интегративците? Дали спикерот намерно или случајно го поништи гласањето, за да остави простор истиот евентуално да биде поништен преку Уставниот суд?

Дел од експертите децидни – одлуката за повторно гласање и самото повторено гласање немаат никаква заснованост во Деловникот и истите се нелегални.

Во точката 8 од главата V на Деловникот многу јасно е утврден начинот на гласање во Собранието. Претседателот на Собранието има право да повика да се гласа и да го констатира исходот од гласањето; Повторено гласање, при неизгласување на одредена точка, може да има единствено како поименично јавно изјаснување на пратениците во случај на разлика помала или поголема од 5 гласови на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници ; Предлог законот за ЈО не беше изгласан бидејќи не го доби потребното мнозинство од 80 пратеници и немаше можност за повторено поименично гласање; Одлуката за повторено гласање и самото повторено гласање немаат никаква заснованост во Деловникот, односно истите се нелегални, вели за Алфа, Александар Спасеновски – поранешен пратеник и професор по право.

Со сличен став се огласи и професорката Каракамишева која вели дека Ако претседател на Собрание ја заклучил расправата и точката по која се расправало ја ставил на гласање, и ако пратениците гласале по законот, претседателот на Собранието нема право, ниту има деловничко овластување да го поништи гласањето.

Дополнително што Деловникот на Собранието не предвидува поништување на веќе спроведено гласање.
Во случајот со Законот за јавното обвинителство Џафери целосно ги прекршил чл. 95 и чл. 103 од Деловникот, бидејќи прво, дозволил да започне постапката на гласање и гласањето било спроведено, но откако го видел резултатот неповолен за власта одлучил самоиницијативно и самоволно да го поништи гласањето на пратениците и без никаква деловничка поткрепа да им даде право на процедурално обраќање на двајца пратеници надвор од сите деловнички процедури, пишува на фб статус Тања Каракамишева – професор по уставно право.

Професорот Апасиев пак апелира до меѓународната заедница да реагира на начинот за носење на законот.

Системски закон (за јавно обвинителство), предложен од техничка Влада (која има мандат само да спроведе регуларни избори), за којшто требаат најмалку 80 пратеници
– се ‘носи’ по скратена постапка (со шверцерско европско знаменце) и тоа со 74 гласа
– само и само да се амнестира ЗАЕВ од кривично гонење после изборите!?
p.s. ЕУ, Кале, Прибе… Бекнете нешто бе, ќе ни снема лента, се огласи исто така на социјалните мрежи, професорот Димитар Апасиев – Левица.

Инаку Законот за јавно обвинителство беше изгласан со 80 гласа ЗА, но откако првото гласање на кое 74 пратеници гласаа ЗА, беше поништено.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста