Вистински мерки за помош на граѓаните или залоупотреба на вонредната состојба за класичен предизборен поткуп?

Дали власта ја злоупотребува вонредната состојба за да изврши предизборен поткуп? Со третиот сет економски мерки, кој треба да тежи 355 милиони евра, предвидени се финансиски средства за речиси сите граѓани.

Предизборно со пари на граѓаните власта ќе ги полни џебовите на земјоделците. По 150 евра еднократна помош ќе добијат социјалните случаи и невработените. Ќе се делат и ваучери од по 100 евра за летување во домашните летувалишта, плус домашна картичка од 50 евра, за оние со плата до 16.000 денари.

Дали оваа помош е искрена или само обид за умилкување кај гласачите? Експертите велат дека вонредната состојба пред се е противзаконски продолжена, за владејачката СДСМ да се обиде да дојде до повеќе гласови на парламентарните избори. Аналитичарот Александар Даштевски за Алфа вели со ова власта потврдува дека сака брзи избори во време на пандемија, што не е препорачливо.

-Ние се наоѓаме во предизборен период кој што трае, само е прекинат поради вонредната состојба. Кога се наоѓаме во предизборен период таа помош не може никако да се испорача, бидејќи тоа е забрането да се прави се смета како предизборен поткуп, вели Даштевски.

Дека власта сака да изврши легален поткуп вели и универзитетската професорка Тања Каракамишева Јовановска.

-На власта и е неопходно потребно да може на легален начин да врши исплати на буџетски средства, посебно оние кои не се тековни, кои гледаме сега се предвидени во третиот сет на мерки на Владата. Така што ова е класично легализирање на поткупот, на изборниот поткуп кој согласно кривичниот законик на Република Македонија е казнив во време на избори, вели Каракамишева Јовановска.

Дека токму економските мерки во предизборието се клучни за продолжување на вонредната состојба потврди и претседателот на Македонија.

-Причина за ваквата одлука е имплементирање на економско социјалните мерки за ублажување на последиците од пандемијата, кои сега веќе се чувствуваат како резултат на фактот што огромен број не работеа и се уште не работат, изјави Пендаровски.

Инаку, Владата го донесе ребалансот на буџетот со кој се предвидени овие финансиски средства со кои Владата предизборно ќе дели државни пари на граѓаните.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста