Виси самитот за Западен Балкан на Стево Пендаровски

Виси самитот за Западен Балкан на Стево Пендаровски. Лидерите од соседството не се многу загреани за идејата на македонскиот претседател да ги собере сите во Скопје.

Од кабинетот на шефот на државата велат дека се уште нема одредено ниту формат ниту временска рамка за настанот на кој требаше да се дискутира за иднината на регионот по европското „не“.

„Пораките воопшто на лидерите од земјите од Балканот се на линија на позициите на Северна Македонија дека интеграцијата во Европската Унија е наша заедничка определба и дека регионот има перспективна, безбедна и стабилна иднина како дел од европското семејство“ велат за Алфа од кабинетот на Претседателот.

Стево Пендаровски бомбастично ја најави оваа иницијатива при неговата посета на Тирана.

„Доколку постои согласност предлагам Република Северна Македонија да биде домаќин на тој Самит“ изјави Стево Пендаровски, претседател на Републиката (26.10.2019).

Согласност од претседателите на Србија, Косово, Босна, Црна Гора и Албанија најверојатно нема зашто сега од кабинетот на шефот на државава велат дека тој ќе ги интензивира билатералните средби со колегите од регионот.

Кон крајот на месецот претседателот патува за Белград а пред десетина дена беше во Тирана каде премиерот Еди Рама во последен момент ја откажа договорената средба со него.

Иницијативата на Стево Пендаровски доаѓа истовремено со се погласните најави на Брисел за т. н. иницијатива „мал шенген“ односно регионот да се поврзе во Балканска економска унија пред да пристапи кон Европската.

Никола Крстиќ