Вилма Русоска лута на ВМРО-ДПМНЕ- станала анксиозна и не можела да спие поради опозициската партија

ВМРО-ДПМНЕ кај Вилма Рускоска и предизвикале анксиозност и душевна болка, а поради опозициската партија шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал корупција не можела ниту да спие навечер. Предизборните спотови на опозицијата насловени „ Криминална вистина“ и „Штанд на лагите“ предизвикале и лутина кај Рускоска кон најголемата опозициска партија. Ова се причините на кои обвинителката ја темели тужбата за клевета и бара вкупно 10.000 евра оштета од тужените ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Христијан и Игор Јанушев.

Она што ја загрижува одбраната во овој случај е што ваквата состојба на Рускоска може да ја доведе под знак прашалник нејзината објективност и непристрасност кога се во прашање предмети кои таа ги води против опозицијата, а тие не  се во мал број. Адвокатот на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски, порача дека за состојбата на обвинителката и нејзините чувства кон опозицијата ќе бидат запознаени сите домашни и меѓународни фактори во Македонија.

-Во делот на постоење на лутина на тужителката спрема тужените, постоење на анксиозност, постоење на загриженост, дури стои дека тужителката претрпела душевна болка и истата имала и несоници. Сето ова го доведува под знак прашалник објективниот и непристрасен пристап против сите неистомисленици, против сите кои имаат критички настап кон сегашната власт, воедно и против самата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ.

Според Тошковски во овој случај нема никаква клевета ниту навреда, туку станувало збор за сарказам. Со ваквиот став на Тошковски не се согласува Панче Ефтимов, адвокатот на Рускоска, која не се појави во судница.

-Значи нема сарказам и нема критика за лице кое што не учествува во политичкиот процес во изборите 2020 година, да биде злоупотребена на тој начин. Јавна критика да, на јавните функционери да, но со аргументи, изјави Ефтимов.

Оштетното барање од 10.000 евра според одбраната е превисоко и може да предизвика ладење на критичката мисла кон работата на власта.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста