Викенд без ДДВ среде пандемија – повеќе разгледување, помалку купување

Повеќе разгледување, помалку купување – вака отприлика може да се опише првиот ден од „Викендот без ДДВ“ кој ќе трае заклучно со понеделник. Засега мерката има половичен успех. Утринава трговските центри беа полупразни, но потоа продавниците почнаа да се полнат со луѓе. Трговците имаа обележано места за чекање и движење низ објектите, но за жал не сите ги почитуваа.  Некои имаа обезбедување кое воспоставуваше ред, некои не. Дел од оние кои со нетрпение чекаа да испазарат и да добијат целосен поврат на ДДВ, останаа разочарани. Велат испазариле, но не очекуваат преголем поврат на парите. Сметаат дека кога луѓето немаат пари, не можат да купат баш се што сакаат, па ефектите ќе биле минимални.

Метеж можеше да се забележи во продавниците за ИТ опрема. Голем дел од луѓето не знаеја дека белата техника, телевизорите и кујнските апарати не спаѓаат во производите за кои можат да добијат поврат на данокот. Разочарани беа и родителите кои бараа соодветни лаптопи за следење на он-лајн настава. за своите деца. Или продавниците немаа доволно залихи или пак немаа поевтини лаптопи.

Се уште нема информации колку трговци претходно намерно ги покачиле цените на некои производи, знаејки дека викендов сите ќе купуваат и ќе добијат поврат на ДДВ од државата. Пазарните инспектори треба викендов да ги санкционираат ваквите случаи. Епидемиолозите апелираа до граѓаните да купуваат он-лајн за да не се создава метеж во продавниците.

Опозицијата алармираше дека викендов ќе се создаде „ДДВ кластер“. Прашуваа зошто мораше „Викендот без ДДВ“ да се организира токму во неделата кога секојдневната бројка на заразени од Ковид-19 надминува 300 луѓе.

Целосниот поврат на ДДВ важи само за купени македонски производи и ИТ опрема, а ќе се врши исклучиво преку апликацијата  „МојДДВ“. Максималниот износ на фискалната сметка треба да изнесува 30 илјади денари. Во тој случај најмногу можат да се повратат 4.500 денари. Сметките треба да се скенираат најдоцна 3 дена по купувањето, а повратот на данокот ќе се изврши во период од 15 дена.

Тања Попова