„Викенд без ДДВ“ – нов „ДДВ кластер“ или финансиска помош за граѓаните?
Нов кластер или финансиска помош за граѓаните? Пратениците се скараа околу претстојниот „Викенд без ДДВ“ . Собранието конечно го изгласа законот. Опозицијата обвини дека во услови кога секојдневно растат бројките на новозаболени од Ковид-19, Владата со оваа одлука ќе креира нов кластер од 10-ти до 12-ти октомври.
„Да не ги бркаме луѓето од рестораните и да не ги туркаме во моловите и продавниците? Да не се соочиме со кластер ДДВ?“ – прашува пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова.
Власта се правда. Министерот Филипче вчера рече дека бројот на заболени немало нагло да се зголеми викендот, затоа што сите продавници имале протоколи. Немало да се дозволува влез на оние што нема да ги почитуваат. УЈП упати апел за поголема свест кај граѓаните претстојниот викенд.
„Трговците се обврзани практично да ги имплементираат, односно спроведуваат овие протоколи“ – вели В.Д. директорот на УЈП, Фарук Омери.
Дополнително, опозицијата смета дека мерката ќе биде само делумно успешна. Голем број трговци ќе се решеле да ги зголемат цените, бидејќи знаат дека граѓаните потоа ќе добијат целосен поврат на ДДВ од 5 или 18% од вредноста на купените стоки и услуги.
„Прво што требаше да направите ако вака предвидувате да враќате ДДВ за техничката роба, требаше да ги замрзнете цените, како што се направи тоа со прехранбените продукти кога почна короната и сметам дека и овојпат требаше да се замрзнат. Ќе дојдеме во ситуација, она што се продавало за 15 илјади денари, утре да се продава за 29.999 денари“ – вели Игор Здравковски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
УЈП засега нема сознанија дека продавачите ги покачиле цените. За санкции е задолжена пазарната инспекција.
„Што се однесува до утврдувањето на цените на производите кои се предмет на проектот „МојДДВ“ , е во надлежност на пазарната инспекција. Мислам дека активностите се координирани и тие ќе бидат на терен, во смисла за сузбивање на евентуални вакви малверзации“ – вели Омери.
Повратот на ДДВ важи само за купени македонски производи и ИТ опрема, а ќе се врши исклучиво преку апликацијата на УЈП „МојДДВ“. Максималниот износ на фискалната сметка треба да изнесува 30 илјади денари. Во тој случај најмногу можат да се повратат 4.500 денари. Сметките треба да се скенираат најдоцна 3 дена по купувањето, а повратот на данокот ќе се изврши во период од 15 дена. Владата очекува промет од вкупно 170 милиони евра во следните три дена, а од буџетот за поврат на данок ќе се потрошат 17 милиони евра. Опозицијата бараше 4, наместо 1 „Викенд без ДДВ“.
Тања Попова