ВИДЕО: Виктор Орбан пристигна во Македонија

ВИДЕО: Виктор Орбан пристигна во Македонија

Во Македонија пристигна унгарскиот премиер Виктор Орбан. Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.

Премиерот Христијан Мицкоски, како што информира владината прес-служба, утре (петок) ќе оствари официјална тет-а-тет средба со неговиот унгарски колега во премиерската вила во Охрид, а во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација.

Утре ќе се одржи и заедничка меѓувладина седница во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид, а по завршувањето на седницата на истата локација се очекува прес-конференција да одржат двајцата премиери.

Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета предвидена е прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс „Свети Наум“, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј во Охрид.

Орбан во 2013 година беше во официјална посета на земјава, кога и е одликуван со Орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија. Орденот му го врачил тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, а имал средби и со тогашниот премиер Никола Груевски.

Унгарија, како моментален претседавач на Европската Унија, би можела да игра клучна улога во поддршката на Македонија на патот кон членство во ЕУ. Македонската влада гледа во Унгарија потенцијален спонзор за нејзиниот евроинтеграциски процес, иако ваквата поддршка може да наиде на отпор кај некои други членки на ЕУ.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста