(ВИДЕО) Пендаровски: Патот по кој тргнавме бара политичари кои носат одлуки во интерес на граѓаните

Имавме тешка година со пандемијата, но и година на успеси, како се Преспанскиот договор, членството во НАТО.

Сега е нужен и реален, конкретен консенсус меѓу власта и опозицијата, невладиниот сектор и бизнис заедницата за брзо завршување на преговорите со ЕУ што ни претстојат
Оваа година беше тешка и за нас и за светот поради пандемијата на ковид-19.

Пандемијата сигурно ќе биде со нас уште некое време и ќе донесе дополнителен притисок врз целото општество. Но, со заеднички сили и посветена, напорна работа можеме да ги надминеме тие проблеми, вели претседателот на државата Стево Пендаровски, во видео-обраќањето по повод Денот на независноста.

„Оваа година беше и година на наш, голем заеднички успех. По решавање на деценискиот спор за името со Грција и имплементирање на потребните реформи, станавме полноправна членка на НАТО и со тоа исполнивме една од двете главни стратешки цели на надворешен план. Оваа година очекуваме уште еден успех – формален почеток на преговорите за членство во ЕУ. Ако постои национален консензус за тоа на зборови, сега е нужен и реален, конкретен консенсус меѓу власта и опозицијата, невладиниот сектор и бизнис заедницата за брзо завршување на преговорите затоа што тие се исклучително значаен инструмент за подобрување на животот на сите наши граѓани“, истакнува Пендаровски.

Тој потсетува дека патот пред речиси три децении, кога убедливо мнозинство граѓани гласаа да живеат во независна, слободна и демократска Република Македонија, не е лесен, со напредок и падови во борбата за демократски вредности.

„Тој бара политичари кои носат одлуки во интерес на граѓаните, транспарентни институции, постојан дијалог меѓу власта и опозицијата, граѓански сектор кој ја преиспитува работата на секоја власт и слободни медиуми кои работат за јавниот интерес, а не под диктат на политиката или бизнисот. Исто така, демократијата не препознава дискриминација врз основа на национална или етничка припадност, боја на кожа, пол, сексуална ориентација, социјално потекло, верско или политичко уверување, попреченост или која било друга основа“ вели Пендаровски во обраќањето по повод 8 Септември.

Неговите очекувања во иднина се, како што вели, граѓаните да останат гласни и постојано да бараат од политичарите одговорност.

„Затоа што ние сме должни да работиме во ваш интерес. Заеднички императив е следните години да живееме многу подобро отколку до сега. Со многу работа и со меѓусебно почитување тоа сигурно ќе го постигнеме“, вели претседателот Пендаровски во своетот обраќање до граѓаните по повод Денот на независноста.

https://www.facebook.com/watch/?ref=external&v=657127428537838
КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста