Видео од рекетот врз Камчев објавено во италијански весник

Исправен и горд, вака Боки 13 ја напушта куќата на бизнисменот Орце Камчев, придружуван од Зоки Кичеец, кој носи патна торба марка Луј Витон. Доказен видео материјал за случајот Рекет, објави италијанскиот портал Ла Верита снимен од безбедносните камери од домот на бизнисменот Орце Камчев. Моментот на броење 1 милон евра, примопредавање на скапата торба, но и аудио разговор со кој се компромитира специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која го сомничи Камчев за случајот Империја. Видеото е составено од повеќе делови, а медиумот во Италија најавува дека постојат уште две видеа. Објавената снимка, почнува со броење евра, спецификација по апоени и како се редат во патната брендирана торба, иста марка со која е снимен Кичеец на излегување од домот на Камчев.

По примопредавањето на парите, Камчев ги испраќа скапите гости до влезната врата од својот дом, бидејќи во тоа време е во домашен притвор за случајот Империја што СЈО, односно Јанева го води против него.

Кичеец и Боки 13 ја напуштаат куќата,а безбедносните камери ги снимаат се до влегувањето во портокаловиот џип кој е паркиран на неколку метри од влезот на куќата од Камчев. Кичеец, торбата ја става на задното седиште, а Боки влегува во џипот на совозачкото место.

На снимката објавена од италијанскиот Ла Веритас има и аудио, од разговор меѓу Боки 13 и Орце Камчев.

Боки 13: Во понеделник ќе ве ослободат.

Камчев : Добро

Боки 13: Во вторник најкасно, Врховен ќе ве ослободи

Камчев: До Врховен не може да дојде до понеделник

Боки 13: Да, тогаш вторник. Нема да употреби СЈО вонредни правни лекови, нема ништо да употреби.

Камчев: А, Апелација ?

Боки13: Па, Апелација ќе ве одбие. Вие се жалите до Апелација, да бидете спремни… До Врховен се жалите како втор степен, на начелното правно мислење Советот се повикува. Нема да употребува Катица сега вонредно правни лекови, да го продолжува, да го одолговлекува моментот. Во вторник, понеделник – вторник  вие сте на слобода.

Камчев: Добро

Според датумот на снимката, која го објави Ла Верита видеото е од 20 февруари годинава, а бизнисменот Орце Камчев за случајот Империја со одлука на Врховниот суд беше ослободен од куќен притвор десетина дена покасно односно на 4 март.

Боки 13 и Зоки Кичеец, се во притвор, додека специјалната обвинителка Катица Јанева е на летување. Но и  истрагата за рекетот трпи поради летните одмори, па така  дали има вмешаност  на други во рекетирање бизнисмени и локални функционери, засега нема одговор, оти летување тера и обвинителката Вилма Рускоска која го води случајот Рекет.

Катерина Гетева