Вице Заев се јави: Го демантира ВМРО-ДПМНЕ за доказите на Рускоска, вели не седел со Кичеец

Доказите на Вилма Рускоска за „Рекет“ се невистинити, барем според Вице Заев. Братот на екс премиерот реши да не одговори директно на повикот на Алфа, да каже за што разговарал со Зоки Кичеец, туку испрати писмена реакција до сите медиуми. Иако во судот како доказ беше презентирано видео, на кое јасно се гледа како во скопско кафуле заедно седат Зоран Милески и братот на лидерот на СДСМ, Вице Заев вели не се среќавал со никој од засегнатите во „Рекет.“

-Ниту јас, Вице Заев, ниту било кој член од моето семејство нема поврзаност со случајот познат во јавноста како „Рекет“… Изнесените невистини дека сум се среќавал со лицата осомничени за овој случај, дека сум седел, дека ме имало на некои снимки ги демантирам, тоа не е точно. Обидите за мое инволвирање на било каков начин во валканата политичка кампања сметам дека е намерно, лажно и тенденциозно со единствена цел, да му се наштети на Зоран Заев и политиките кои ги спроведува.

Демантирајќи го видеото кое беше презентирано во судот, на кое јасно се гледа како седи во кафуле со Зоки Кичеец, Вице Заев најде начин да ја нападне и ВМРО-ДПМНЕ. Вели прес конференциите, на кои од таму бараат да се дознае за што разговарале тие двајца, биле со цел да се оцрни Зоран Заев. Истовремено реши да ги нападне медиумите кои според неговите зборови биле под контрола на оваа партија.

-Семејството Заеви, односно Зоран Заев е трн во окото за сите што се под контрола на Никола Груевски, избеганиот криминалец и кои не и мислат добро ниту на државата, ниту на граѓаните. Ја уништуваа 11 години нашата татковина и избегаа за да се соочат со одговорност. Затоа се шират лажни вести преку медиумите под нивна контрола, се шират измислици, секојдневно се пласираат тешки лаги, клевети, но и на прес конференции на ВМРО-ДПМНЕ, не се бираат начини ниту средства да му се наштети на Зоран Заев и неговото семејство, се вели во реакцијата на Вице Заев.

Покрај снимките со Вице Заев, како доказ во „Рекет“ се појави и снимка со неговиот брат, екс премиерот Зоран Заев. Во едно од презентираните видеа се гледа Катица Јанева која оди кај него во вилата на Водно. Покрај во „Рекет“ аудио материјал од лидерот на СДСМ, ќе се појави и во случајот за Меѓународниот сојуз, откако Антонио Милошоски ја достави снимката објавена во Собрание, каде според неговите зборови Заев кажува дека ја финансирал 1ТВ и бил во тек со нелегалното финансирање на невладината на Боки 13.

-И самиот аудио запис и транскриптот даваат еден сериозен сомнеж дека поранешниот премиер, господинот Заев подолго време знаел за начинот на финансирањето на Меѓународниот сојуз, што не бил легален  и помагал според неговата изјава во тој запис за финансирањето на 1ТВ, изјави Милошоски.

Откако Милошоски ги предаде материјалите во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција реагираше и владејачката СДСМ. Велат тој правел драмотелки во јавност и манипулирал со граѓаните.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста