Македонија патува во Порто за меч за историја – Елмас порача дека шансата не смее да се испушти, Алиоски не сака да му ја расипе кариерата на Роналдо, но верува во победа

„Една победа не дели од сонот од детството на целата нација“, „Не сакаме да ја расипеме кариерата на Роналдо, но веруваме во победа“ – црвено жолтите со оптимистички дух ќе се соочат со моќната Португалија. За разлика од мечот со Италија, во вторник ќе сме посилни за уште еден истакнат репрезентативец, Елиф Елмас, кој оцени дека дуелот против Португалија за „рисовите“ ќе биде досега најтешкиот.

Нè очекува еден од најтешките и највозбудливите натпревари до сега за сите нас играчи кои сме тука во репрезентацијата. Пред нас се 90 минути во кои можеме да си го исполниме сонот од детството и сонот на целата нација. Знаеме дека оваа шанса не смее да ја пропуштиме и ќе изгинеме на теренот за да дојдеме до Светското првенство во Катар, изјави Елмас.

Дека финалето на „Драгао“ во Порто ќе биде тежок чекор, се согласува и Алиоски. Во изјава за швајцарскиот весник „Блик“ вели дека не сакале да ја расипат кариерата на Роналдо, но веруваат во победа.

Уште ништо не сме освоиле. Искрено, немам грижа на совест што ја расплакавме Италија, ние сонуваме да бидеме на Светско првенство во Катар и не мислиме на другите. Ќе направиме се за да си го оствариме овој сон. Роналдо игра на врвно ниво речиси 20 години, не сакаме да му расипеме ништо на Роналдо, сакаме само да победиме и да го исполниме нашиот сон. Сите веруваме во успех како против Италија, веруваме дека можеме да победиме и против Португалија – изјави Алиоски.

Фудбалските херои во вторник во 20:45 минути ќе ги одмерат силите во Португалија. До финалето од баражот стигнаа по триумфот во Палермо, каде благодарение на голот на Трајковски, Италија беше поразена за прв пат во историјата на домашен терен во мундијалски квалификации.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста